Фото: Пиксабеј

Корупцијата и правосудството повторно предизвик за Македонија и по последниот годишен извештај за напредокот изготвен од страна на Европската комисија. Непостапувањето по измените во Кривичниот законик во членовите за Злоупотреба на службената положба и овластување и неефикасноста во борбата против корупцијата поради недоволно финасии за работа на истражните органи се клучните забелешки во извештајот.

– Трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани на 16 март, во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 190 беа повредени, предизвика јавни протести поради коруптивни практики, системска институционална небрежност и недостаток на надзор на основните безбедносни стандарди и владеењето на правото – се забележува во делот од извештајот за борбата против корупцијата

Во земјата има чувство на неказнивост, а една од причините што ги наведува ЕК се измените на КЗ од септември 2023 година, кој амнестира и ослободува функционери од корупција и од злоупотреба на службената положба и овластувањата. Иако собранието оддамна го проби рокот од половина година за разгледување на одредбите, по насоките на Уставниот суд, сепак пратеничките партии сѐ уште не разговарале по тоа прашање.

Уставниот суд треба да го има последниот збор за тоа дали да ги укине, односно сите одлуки врз основа на одредбите повеќе нема да бидат важечки и релевантните случаи ќе треба да се покренат одново или да ги поништи, односно стариот законик ќе биде во сила од денот на поништувањето, а одлуките врз основа на промените од 2023 година ќе важат.

– Слабата судска транспарентност и обвинителските перформанси продолжуваат да ја попречуваат ефикасноста и интегритетот на постапките во случаите на корупција на високо ниво – пишува во извештајот за напредокот на земјава.