Дека уметноста на филигранската изработка продолжува да инспирира современи уметници и занаетчии, обединувајќи ја традицијата со современиот уметнички израз, потврди и изложбата на уметницата Марина Убавкова, која беше отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. На изложбата Убавкова ја презентира својата колекција изработена во 2025 година под наслов „Светлината на сребрените божествени нишки“ и успеа барем за кратко да ја пренесе својата филигранска работилница во домот на културата предизвикувајќи голема љубопитност од страна на посетителите. За нејзината уметност на отворањето на изложбата говореше Јулијана Туриманџова.

Марина Убавкова е уметница и архитект со мултидисциплинарен карактер чија работа се движи помеѓу визуелната уметност, дизајнот и занаетчиството. Нејзиниот творечки израз се одликува со суптилна синтеза на форма, простор и психолошка длабочина во кои естетиката и личното доживување се преплетуваат во префинет визуелен јазик. Уште во 2012 година таа се здобива со официјален сертификат за изработка на филигран со што напоредно со сликарството ја започнува својата посветеност на рафинираната традиционална техника. Денес таа создава современ филигрански накит, во кои традиционалниот занает е преточен во чисти, поетични и современи форми. Низ нејзините парчиња накит се чуствува нежноста на рачниот допир, прецизноста на орнаментот и идејата како интимен носител на личната приказна.
– Филигранската техника е рафиниран јазик на металот, тивок говор на сребрени жички што се преплетуваат во дизајн од орнаменти. Во овој процес јас ја препознавам хармонијата меѓу трпението и движењето на раката, меѓу традицијата и личниот внатрешен ритам. Моја инспирација се суптилните спомени на наследството и неговата тивка елеганција, кои ги преточувам во современи, прочистени форми. Секое парче претставува фрагмент од една поголема приказна- за времето, за допирот, и за светлината која живее во деталот – вели Марина Убавкова за „Нова Македонија“.

































