Фото: ЕПА

Портпаролот на палестинската милитантна група Хамас, Хазем Касем, денеска изјави дека континуираното бомбардирање и уништување на куќи и станбени населби во Појасот Газа од страна на Израел претставува јасно прекршување на договорот за прекин на огнот.

Тој ги повика посредниците да извршат притисок врз Израел „да ги запре овие прекршувања, кои вклучуваат убиства, продолжување на блокадата, ограничување на помошта и постојано затворање на преминот Рафа“, пренесува саудискиот весник Ашарк ал-Авсат.

Палестинската агенција Вафа (WAFA) денеска соопшти дека израелските сили продолжуваат да го прекршуваат договорот за прекин на огнот, наведувајќи дека училиштето Ал-Ханса и неговата околина во градот Абасан ал-Кабира, источно од Кан Јунис, како и плажата кај бегалскиот камп Нусеират во централниот дел на Појасот Газа денеска биле погодени во израелски артилериски напад.