Во саботата, во култното бифе „Тафталиџе“, се одржа промоција на најновата книга на Ставре Џиков, возбудливо, истрајно истражување за злосторството врз легендарниот Че, со автентични сведоштва „од прва рака“, меѓу кои и она на познатиот македонски писател, драматург и дипломат Коле Чашуле.
Ставре Џиков, наш еминентен правник, значаен дејственик во општествените и меѓународните односи во бурните години од македонската историја, досега објавил капитални стручни и историографски дела, меѓу кои „Заговор против претседателот Киро Глигоров“ и „Адвокатите во Република Македонија (1945-2005)“, но и поетски збирки, како и книгата од спортот „Боксерските асови на Македонија“, што сведочи за неговата силна истражувачка љубопитност. Најновата книга во која се проследуваат последните мигови од животот на големиот Че Гевара е убедлив доказ за таа негова сестраност.
Книгата ја промовираа Александар Прокопиев, Гоце Ристовски и Сотир Костов.
Фото: Студио Шекеров
            




















































