Фото: Принтскрин

Илјадници граѓани на Нови Сад вечерва се упатија кон просториите на владејачката Српска напредна странка, кон главната полициска станица и блокираа делови од центарот на град во протестен марш и во поддршка на штрајкот со глад на мајката на момчето кое лани загина во падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.

Тие прават голема бучава со автомобилски сирени, вувузели, свирчиња и извикуваат „Сакаме избори!“. Демонстрантите извикуваат „Рацете ви се крвави!“ и „Избори“, „правда“, а со црвена боја на дланките оставаат црвени отпечатоци  на тротоарите.

Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка,(роден 1997) кој загина во падот на бетонската настрешница од денеска штрајкува со глад пред српскиот Парламент во Белград. Таа се одлучила за ваква форма на протест „барајќи правда и одговор за тоа кој го уби нејзиниот син и уште 15 лица во трагедијата во Нови Сад пред една година“.

Во Белград растат тензиите пред српското Собрание каде е распоредена полицијата за растерување демонстрации. Според демонстрантите, „топовски“ удари и пиротехнички средства почнаа да фрлаат лица од Пионирскиот парк, спроти Собранието, каде се сместени поддржувачите на СНС и студенти кои се противат на блокадите, кон луѓето во Белград кои дојдоа да ја поддржат мајката на младиот човек кој загина при падот на настрешницата во Нови Сад.

Помеѓу двете групи распоредени се силни полициски сили во опрема за разбивање демонстрации. Се поголем број луѓе се упатуваат вечерва кон центарот на Белград пред Собранието со цел да и дадат подршка на мајката на загинатото момче.

Воените ветерани кои се од страната каде се поддржувачите на Дијана Хрка ја замолија толпата да се држи настрана и да не влегува во конфликти со полицијата. Потоа тие создадоа еден вид тампон-зона меѓу полицијата и толпата. Ветераните им ги пренесоа и пораките на Дијана Хрка која од нејзините поддржувачи бара да не се ескалира ситуацијата и дека таа не го сака ова што се случува вечерва во Белград и нејзиното барање е граѓаните да се оддалечат од местото на тензии каде интервенираше полицијата.

Тензично е и пред просториите на СНС во Кула и во Сремска Митровица каде голем број граѓани се собраа  за да изразат емпатија не само кон една мајка, туку кон сите жртви од падот на бетонската настрешница. Во тие градови се распоредени по најмалку 200 полицајци во обид да спречат поголеми немири. Протести на граѓани вечерва има и во Врбас и Суботица.

Еден ден по одбележувањето на годишнината од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, која помина без инциденти, во центарот на Белград, полицијата со часови ги одвојувa поддржувачите на владата од демонстрантите собрани во поддршка на Дијана Хрка.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се вклучи вечерва во живо на „ТВ Информер“ и наведе дека  „тоа беше очекувано по вчерашниот дебакл во Нови Сад, со многупати помал број луѓе од очекуваното“. Според него, граѓаните дошле до оградата, но избегале кога виделе дека одговорот е готов и користеле шишиња, петарди, факели, „со желба да запалат луѓе“.

– Министерството за внатрешни работи и Безбедносно-информативната агенција најостро ги осудуваат вечервашните инциденти што се случија во центарот на Белград, во непосредна близина на зградата на Народното собрание на Република Србија – соопшти МВР на Србиja.

Организирана група учесници на непријавен собир, собрани на улицата Кнез Милош, ги нападнаа граѓаните кои беа на пријавениот јавен собир, во Пионирскиот парк, фрлајќи разни предмети и пиротехнички средства во правец на насобраните. Во таа прилика, еден од шаторите, во кој се наоѓаа луѓето во тој момент, беше запален, што сериозно ја загрози нивната безбедност и постоеше реална опасност од сериозни последици, вклучително и повреда или смрт.

Полициските службеници кои го обезбедуваат јавниот ред и мир реагираа веднаш и спречија натамошна ескалација на насилството. Меѓутоа, за време на интервенцијата, еден полицаец се здоби со повреда на ногата поради дејството на пиротехничко средство („топовски удар“) – се додава во соопштението.

Министерството за внатрешни работи и БИА ги повикаа сите граѓани да се воздржат од насилства, да го почитуваат законот и да не учествуваат во ненајавени собири што ги загрозуваат животите, безбедноста на другите граѓани и јавниот имот. Полицијата и БИА, во согласност со законот, ќе преземат сите мерки за идентификување и гонење на лицата кои ги предизвикале инцидентите и ги нападнале учесниците на пријавениот јавен собир – се додава во соопштението.

Дијана Хрка вечерва после соопштението им се обрати на собраните полицајци во кордонот и ги праша како не се срамат да ги обвинуваат собраните граѓани за фрлање пиротехнички средства.

-Покрај толкав полициски кордон од ќациленд излегоа пет лица господа полицајци, покрај толку од вас , излегоа петмина Чаци од „Чациланд“. Не ви е срам да ги обвинувате овие луѓе и да одите против нив? Мислите ли дека сме луди и дека ништо не се знае? Би ве замолила љубезно да не ги пуштате на улица. Ако ги сретнеме, никој нема да ги спаси. А ниту вие, цела Србија ќе дојде – изјави Дијана Хрка со мегафон пред кордонот полицајци во опрема а разбивање демонстрации.

Таа рече дека повредите на нејзиниот син Стефан биле толку тешки што не можела да го погреба како што треба.

– Ги браните чаците? Би сакала да ве замолам уште еднаш, не ги пуштајте од тој дел. Ако има ескалација, виновна ќе биде српската полиција. Поддршката за Белград доаѓа – рече таа.

Во Нови Сад синоќа се одржа голем комеморативен собир, организиран на повик на студентите. Во текот на денот, на собирот, на кој, според проценките на неформалната организација „Архив на јавни собири“, присуствувале околу 110.000 луѓе, а не беше регистриран ниту еден инцидент.

Според полицијата, на собирот присуствувале 39.000 луѓе.