АЛПСКО СКИЈАЊЕ
- Tаа се врати на скијањето во сезоната 2024/2025, а сега споделува дека нејзината крајна цел е јасна, освојување медал на ЗОИ. „Не знам колку би била задоволна ако си заминам од ЗОИ без медал. Но не мислам дека ќе се случи тоа. Веќе направив повеќе отколку што некој некогаш очекуваше. Веќе го направив невозможното“, вели таа, пренесе ИОК
Извонредното враќање на Линдзи Вон во алпското скијање е несомнено една од најголемите приказни пред Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо в година, а во обемно интервју за магазинот „Тајм“, олимписката шампионка (од ЗОИ 2010) и трикратна освојувачка на медал се осврнува на својата богата кариера, нејзиното пензионирање во 2019 година и предизвиците со повредите што доведоа до успешна замена на коленото, операција што ги надмина нејзините очекувања и на крајот доведе до нејзино враќање на натпреварувањата на 40-годишна возраст, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Вон зборува и за нејзината самодоверба во потрагата по уште едно олимписко злато.
– Не сум далеку од тоа. Се вратив во играта – рече таа.
Олимписката освојувачка на златен и сребрен медал, Пикабо Стрит, една од најгласните поддржувачки на Вон, ја поддржува самодовербата на својата пријателка.
– Таа ќе освои еден од нив, ако не и повеќе. Не е прашање „дали“, туку „кога“ – вели Стрит, пренесе ИОК.
Најавата за враќањето на Вон беше дочекана и со возбуда и со скептицизам за нејзините мотивации, што е нешто на што таа директно се осврнува во интервјуто за „Тајм“.
– Не ми треба ова. Го правам тоа затоа што го сакам. Забавно е и е предизвик. И мислам дека тоа значи многу за многу луѓе. Не е како да ми недостасува исполнетост. Не ми недостасува цел. Не ми недостасува радост. Иако поминав низ многу работи, имам среќа да го правам она што го сакам уште еднаш. Единствената опасност што ја претставува ова е за мене самата. Не загрозувам никого друг во овој процес – вели таа за нејзиното враќање на натпреварувачкото скијање, пренесе ИОК.
Вон има 82 победи на трки во Светскиот куп, осум медали од светски првенства и три олимписки медали. Додека сезоната 2024/2025 во голема мера беше за докажување на себеси со нејзиното враќање, Вон го направи тоа на драматичен начин, завршувајќи ја сезоната на Светскиот куп со второ место на подиумот во Сан Вели. Но, таа споделува дека нејзината крајна цел е јасна, освојување медал на ЗОИ.
– Не знам колку би била задоволна ако си заминам од ЗОИ без медал. Но, не мислам дека тоа ќе се случи. Веќе направив повеќе отколку што некој некогаш очекуваше. Веќе го направив невозможното – вели таа.
Таа исто така открива дека напредува под притисок, велејќи: „Ми се допаѓа кога влоговите се високи“.
И влоговите никогаш не биле поголеми, бидејќи Вон сѐ уште треба да го освои своето место за ЗОИ 2026, кои би биле нејзини петти олимписки игри, пишува ИОК. Н.М.
 
             
		

































