ИОК
- Сакаме нашето движење да биде посилно, сакаме спортистите да го покажат најдоброто од човештвото, а тоа треба да го направиме заедно, рече претседателската на ИОК, Ковентри, на Форумот на меѓународните федерации
Во своето обраќање пред Форумот на меѓународните федерации (ИФ) во Лозана, претседателката на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Кирсти Ковентри, ја истакна колективната одговорност на глобалната спортска заедница во обезбедувањето олимпиското движење да остане релевантно и инспиративно во еден сѐ потурбулентен свет, пишува ИОК.
– Сите имаме иста цел, а тоа е да обезбедиме нашите спортови да останат релевантни, да создаваме платформи за спортистите да ги остварат своите надежи и соништа и да можат да ги живеат тие надежи и соништа. Сите вие тука имате одговорност и клучеви за отклучување на идните соништа на спортистите – изјави Ковентри.
Претседателката на ИОК ја истакна важноста на заедничката работа за заштита на иднината на спортот и силата што ја носи единството.
– Денес се соочуваме со многу предизвици и пречки, а ќе можеме да ги надминеме само ако работиме заедно. Мојот тренер секогаш ми велеше дека сме силни колку што е силна нашата најслаба алка. За да се осигуриме дека најслабата алка е исто толку силна колку што сте вие, работите заедно, се прифаќате едни со други, се сметате за одговорни едни за други и наоѓате начини да станете посилни заедно. И тоа е она што треба да го направиме сите во оваа просторија.
Треба да се осигуриме дека ги зајакнуваме нашите политики за заштита на спортистите, да се осигуриме дека ги заштитуваме и наоѓаме нови и иновативни начини да ги одржуваме нашите принципи и вредности. Сигурна сум дека многумина од вас и јас не секогаш ќе се согласуваме во следните неколку години, но и тоа е во ред, оти исто како семејство, се надевам дека секогаш ќе се обидуваме да донесуваме одлуки за подобрување и сила на семејството. Сакаме следната генерација да може да има доверба во тоа кои сме. Тие мора да ни веруваат, да ги разберат политиките што ги спроведуваме. Мора да покажеме транспарентност и неутралност во тоа како и зошто донесуваме одлуки – рече Ковентри, пренесе ИОК.
Во почетокот на нејзиното претседателствување, таа почна сеопфатен процес на консултации со засегнатите страни во олимпиското движење.
– Нашето движење преживеа со генерации. Преживеа војни, но преживеа затоа што дадовме надеж. И тоа е она што треба да го правиме и да продолжиме да го правиме денес. Треба да обезбедиме сите спортисти од целиот свет да имаат можност да дојдат на олимписки игри, да го покажат најдоброто од човештвото. Но тоа можеме да го направиме само ако строго ги почитуваме нашите принципи и нашите вредности. Ова се некои од областите за кои навистина со нетрпение очекувам да разговарам со вас во следните неколку недели. Имавме огромен број идеи, теории и мислења што беа споделени со нас. Ова е само првиот чекор. Во моментов застануваме и размислуваме. Гледаме назад, гледаме напред и анализираме каде сакаме да одиме. Сакаме нашето движење да биде посилно, сакаме спортистите да го покажат најдоброто од човештвото, а тоа треба да го направиме заедно – рече Ковентри.
Форумот на ИФ 2025 во олимписката престолнина ги собра меѓународните спортски федерации за тридневни дискусии и размени на високо ниво. Наспроти геополитичките промени, брзата дигитална трансформација и променливите очекувања од спортистите и публиката, форумот нуди платформа за размислување, соработка и за размена на идеи, а во текот на форумот учесниците ги истражија предизвиците и можностите што ја обликуваат иднината на спортот, со програма дизајнирана да поттикне дијалог и да даде практични заклучоци, информира ИОК. Г.И.
 
             
		

































