Фото: ЕПА

Како ЕУ дефинитивно останува без руска нафта?

Неочекуваниот потег на американскиот претседател Доналд Трамп да ги санкционира најголемите руски нафтени компании нема да ги намалат руските воени напори во Украина, но ќе ѝ овозможи на Европската Унија засекогаш да ја исфрли руската нафта од блокот, наведува „Политико“ врз основа на мислењата на економски експерти.
Трамп во средата објави „огромни нови санкции“ насочени кон руските „Лукоил“ и „Роснефт“, означувајќи ги првите американски санкции врз Москва откако тој ја презеде функцијата. Деталите за новите мерки сè уште се разработуваат. Но, во теорија, тие би можеле да ги принудат двете фирми да ги продадат своите средства и да ги прекинат преостанатите испораки на нафта преку нафтоводот за Европа.
Објавата доаѓа еден месец откако Трамп ја критикуваше Европа за „неоправданото“ продолжување на купување енергија од Русија. Брисел воведе ембарго за руска сурова нафта, гориво и јаглен што влегува во блокот по морски пат и го намали уделот на Кремљ на пазарот на гас во ЕУ од 45 на 13 проценти, а сега работи на закон за целосен прекин на увозот.
„Роснефт“ и „Лукоил“ сочинуваат околу две третини од секојдневниот руски извоз на сурова нафта од 4,4 милиони барели, според Дејвид Фајф, главен економист во консултантската куќа за медиуми „Аргус“, кој додава дека санкциите се закануваат да намалат половина од тие резерви.
– Но, поголемиот дел од кинеските и индиските купувачи, двата најголеми трговски партнери на Русија со нафта, веројатно ќе продолжат да увезуваат од Москва – рече Хомајун Фалакшахи, раководител на анализата на сурова нафта во фирмата за стоки „Кплер“, со оглед на пониските цени и ограничените алтернативи во случајот со Кина. Р.С.