Според глобалниот извештај на Светската здравствена
организација
- Глобалната употреба на тутун продолжува да се намалува, а се проценува дека најмалку 15 милиони тинејџери на возраст од 13 до 15 години низ светот користат е-цигари, познати и како вејпинг
Светската здравствена организација (СЗО) деновиве го објави својот најнов извештај, според кој најмалку 15 милиони тинејџери на возраст од 13 до 15 години користат е-цигари низ светот, при што младите луѓе во просек имаат девет пати поголема наклонетост кон вејпингот од возрасните.
Станува збор за првиот глобален извештај за употребата на е-цигари на СЗО. Во него Светската здравствена организација објави дека повеќе од 100 милиони луѓе во светот сега користат вејпинг, вклучувајќи најмалку 86 милиони возрасни, претежно во земји со висок животен стандард.
Вниманието на пошироката јавност го привлекоа најновите сознанија за новите навики на луѓето, особено ако се споредат со сознанијата дека глобалната употреба на тутун продолжува да се намалува, при што бројот на корисници се намалува од 1,38 милијарда во 2000 година на 1,2 милијарда во 2024 година.
Познавачите на состојбите коментираат дека ваквиот развој на настаните е резултат на сè построгите регулативи, кои помагаат во намалувањето на употребата на тутун, па индустријата се сврте кон алтернативни производи како што е вејпингот за да го надомести падот на продажбата.
Тутунските компании велат дека се насочени кон возрасните пушачи за да им помогнат да се откажат и да ги намалат штетите од пасивното пушење.
– Сепак, електронските цигари предизвикуваат нов бран на зависност од никотин – предупреди Етјен Круг, директор на Одделот за промоција и заштита на здравјето на СЗО. М.В.




































