Федералната унија на европските националности (ФУЕН) со поддршка за македонското малцинство во Албанија
Македонците во Албанија продолжуваат да се соочуваат со дискриминација и слабо спроведување на постојните прописи и закони поврзани со почитувањето на нивните права, и покрај формалното признавање на македонското малцинство од страна на државата, според Законот за заштита на националните малцинства од 2017 година, забележува Федералната унија на европските националности (ФУЕН) во извештај на „Мониторот на малцинствата“. На тој начин уште еднаш е истакнат јазот помеѓу законското признавање на правата на Македонците во Албанија и фактичката состојба и реалност на теренот.
– Признавањето во голема мера останува ограничено на регионот Мала Преспа/Пустец, при што Македонците во Голо Брдо и Гора доживуваат значително помала заштита во употребата на јазикот, образованието и политичкото учество. Овие недоследности одразуваат поширок јаз помеѓу законот и практиката во пристапот на Албанија кон правата на малцинствата – се вели во текстот.
ФУЕН затоа ја повикува албанската влада целосно да го спроведе Законот за малцинства и да ги усвои недостасаните секундарни закони неопходни за негово спроведување. Меѓународните тела за мониторинг, вклучувајќи ги Советодавниот комитет на Советот на Европа за Рамковната конвенција, високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства и ОБСЕ/ОДИХР, исто така постојано ги истакнуваат овие забележани недостатоци во Албанија, нагласувајќи ја потребата државата да ги надмине формалните гаранции и да обезбеди опиплива и правична имплементација. Се смета дека отсуството на вакви мерки, не само што го поткопува почитувањето на меѓународните обврски од страна на Албанија туку и ја продолжува дискриминацијата и ја еродира довербата на македонската заедница во јавните институции.
Македонците во Албанија се чувствуваат лишени од нивните загарантирани права
Македонците во Албанија се чувствуваат лишени од малцинските права загарантирани со меѓународни инструменти, како што се Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (Совет на Европа), Европската конвенција за човекови права и Копенхашкиот документ на ОБСЕ (1990), како и со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (член 27). Овие права се исто така загарантирани во Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија (2017), наведува ФУЕН. Сепак, Советодавниот комитет на Советот на Европа за Рамковната конвенција и високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства постојано забележуваат празнини во имплементацијата од страна на Албанија.
– Овие недостатоци произлегуваат и од дискриминаторските ставови на албанските власти на национално и локално ниво, како и од слабото спроведување на законски загарантираните одредби – се посочува во извештајот.
Македонското малцинство во Албанија од 2016 година апелира до меѓународната заедница да ги поддржи нивните барања пред албанската влада. Меѓу нивните барања се истакнуваат:
– Признавање на нивниот идентитет и соодветна заштита и спроведување на правата на малцинствата, вклучително и во територијалните и административните реформи;
– Негување на еднаквоста на културата и јазикот на македонското малцинство во областа на образованието, медиумите и јавната комуникација со локалните власти;
– Обезбедување на правата на македонското малцинство во политичкото претставување и активно вклучување во процесите на донесување одлуки на национално и локално ниво.
Нагласувајќи дека правата на националните малцинства мора да се почитуваат во согласност со европските и меѓународните правни стандарди, ФУЕН постојано апелира до европските институции, Обединетите нации и ОБСЕ да преземат конкретни мерки во поддршка на македонското малцинство во Албанија и ги повика своите организации членки да соработуваат во напорите за застапување.
Признавање на идентитетот и спроведување на правата – клучни предизвици за македонското малцинство
Клучен предизвик за македонското малцинство во Албанија се однесува на признавањето на нивниот етнички идентитет и целосното спроведување на правата според националните и меѓународните рамки. Научниците Љубица Ѓорѓевиќ и Зенаида Заими (ECMI, 2019) забележуваат дека иако Законот за заштита на националните малцинства од 2017 година претставува важна правна пресвртница, тој премногу често ја одложува суштината на малцинските права на секундарното законодавство и одлуките на Советот на министри.
Ова прекумерно потпирање на извршни акти ја ослабува правната сигурност и го одложува спроведувањето на клучните гаранции, вклучувајќи ги употребата на јазикот, образованието и правата на учество. Тие понатаму тврдат дека рамката на законот не одговара целосно на современите стандарди за управување со различноста и политиката за интеграција, останувајќи вкоренета во потрадиционалното и државно-центрирано разбирање на заштитата на малцинствата. Овие загрижености се одразуваат во резолуциите на ФУЕН, како и во мислењата на Советодавниот комитет за Рамковната конвенција.
Многу Македонци од Албанија се издржуваат како дневни работници во Македонија. Иако образованието на мајчин јазик постои во одредени области, неговиот опсег останува ограничен, а пошироката имплементација заостанува. За разлика од грчките и српските малцинства во Албанија, Македонците немаат програми на државната телевизија РТШ. Тие главно се потпираат на локални иницијативи (Радио Преспа) или медиуми од Македонија. Извештаите за мониторинг на Советот на Европа го истакнуваат овој дисбаланс, забележувајќи дека отсуството на емитување на македонски јазик во јавните медиуми ги поткопува културната видливост и зачувувањето на јазикот. Културниот живот продолжува преку организациите во заедницата, медиумите и фестивалите, но македонските здруженија пријавуваат недоволно финансирање од Министерството за култура, што ги попречува културните настани и публикациите. Политичкото учество е минимално, но постепено се зголемува, а заедницата продолжува да ги искажува барањата за права и признавање. Признавањето на македонското етничко малцинство е ограничено на регионот Мала Преспа, заклучува ФУЕН.
ФУЕН бара преземање итни чекори за заштита на малцинствата во Албанија
ФУЕН како чадор-организација за националните малцинства во Европа затоа ги повикува властите во Тирана да ги зајакнат институционалните механизми одговорни за заштита на малцинствата и да обезбедат фер пристап до образование, култура и политичко учество за сите македонски заедници низ цела Албанија. ФУЕН притоа ја повторува својата посветеност кон поддршката на македонското малцинство во Албанија и апелира сите релевантни актери да преземат итни и конкретни чекори:
– ФУЕН ја повикува владата на Албанија да го почитува и целосно да го спроведува Законот за малцинства, донесен на 13 октомври 2017 година (Закон бр. 96/2017), и да ги донесе подзаконските акти предвидени во законот, со оглед на тоа што поминаа повеќе од пет години од неговото донесување без сеопфатна примена;
– ФУЕН го повикува владиниот комесар за заштита од дискриминација да обезбеди ефикасно спроведување на Законот за малцинствата и да ги следи случаите на нееднаков третман или занемарување на македонската заедница и на национално и на локално ниво;
– ФУЕН ја повикува Владата на Република Албанија да го прогласи 21 мај – Светскиот ден за културна разновидност за дијалог и развој – за национален празник, кој се слави како Ден на националните малцинства во Албанија, со што се потврдува еднаквото место на малцинствата во општественото и културното ткиво на земјата;
– ФУЕН ги повикува европските институции, Обединетите нации и ОБСЕ да го интензивираат следењето на состојбата на македонското малцинство во Албанија и да се вклучат во конструктивен дијалог со албанските власти за да се обезбедат конкретни подобрувања;
– ФУЕН ги повикува албанското граѓанско општество и организациите на малцинствата да ги зајакнат соработката, застапувањето и дијалогот и во земјата и преку границите, осигурувајќи дека гласот на македонското малцинство продолжува да се слуша на национално и меѓународно ниво.
ФУЕН е најголемата чадор-организација што ги застапува интересите на автохтоните, националните и јазичните малцинства во Европа. Основана во 1949 година, таа моментално обединува повеќе од 100 организации – членки (МО) од 36 европски земји, кои активно работат на одбрана на правата и промовирање на културното, јазичното и политичкото признавање на малцинските заедници. Н.М.
Реакција на претседателот на „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај
Ѓурѓај: Извештајот на ФУЕН ја претвора локалната неправда во јавна и институционална тема
Извештајот ја претвора приватната и локална неправда во јавна и институционална тема, со што се зголемува политичката цена на неактивноста од страна на албанските власти. Со акцентот на неисполнети подзаконски акти и нееднаква примена на постојните закони, се создава конкретна база за барања и мониторинг. Документот им овозможува на меѓународните партнери да бараат конкретни мерки и да го вклучат проблемот во извештаите и препораките до Албанија, вели претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана“, Никола Ѓурѓај, по повод извештајот на ФУЕН за положбата на Македонците во Албанија.
Разговорот со Никола Ѓурѓај ќе можете да го прочитате во викенд-изданието
на „Нова Македонија“





































