Дипломатите советуваат Македонија сама да ги направи уставните измени онака како што мисли дека е најдобро
- Некои дипломатски кругови сугерираат Македонија да ги направи уставните измени онака како што смета дека најдобро би биле заштитени нејзините интереси, како што во суштина прави секоја суверена земја. Советите одат во три насоки. Најпрво да се убедат тврдокорните политички структури во земјава што се противат на каква било промена на Уставот, со што македонскиот народ во преамбулата би добил статус со кој, според меѓународното право, недвосмислено се обезбедуваат идентитетски гаранции, историски континуитет и чисти белези како носител на државноста. Втората насока на која обрнуваат внимание дипломатите е иницирање лидерска средба од поширок формат за да се издискутираат и детално да се објаснат уставните измени и на тој начин да се отстранат резервите околу тоа дека нечии права би биле загрозени. Третата порака е да се побара поддршка за вака конципираните уставни промени од Вашингтон и Брисел, не заобиколувајќи ги сѐ позастапените суверенистички струи во Европа и во САД
Процесот на одглавување на македонскиот евроинтегративен пат може да се придвижи напред исклучиво со постигнување висок степен на внатрешна општествена кохезија, со што секое решение за промена на Уставот постигнато по демократски пат, низ институциите и во важечка процедура, ќе добие на тежина. Во таков случај, според мислењето на искусни европски дипломати, Европската Унија ќе го препознае, ќе го уважи и ќе го прифати тоа, како веќе исполнет услов и ќе дозволи отворање на преговарачките поглавја.
Токму овие сигнали ги испраќаат некои дипломатски кругови во земјава, но и пошироко, кои ниско под радарот веќе исцртуваат некакви контури во која насока би можела да се движи таканаречената „креативност во делот на уставните измени“.
Ваквата нивна активност е иницирана токму поради свесноста дека блокадата на европскиот пат на земјава има идентитетска агенда, па од тие причини и самите сакаат да превенираат отворање нови проблеми од некои актуелни земји членки со кои се валка европскиот образ.
Уставните измени не загрозуваат ничии права
Сугестиите и пораките што доаѓаат од некои дипломатски кругови одат во насока на поголема флексибилност кај албанскиот политички блок, поточно кај Демократската унија за интеграција, која се противи на каква било промена на Уставот што би се однесувала на редефинирање на воведниот дел на највисокиот правно-политички акт во земјава, односно негово адаптирање во согласност со уставите на некои земји членки на ЕУ со уставно дефинирање на Македонија како национална држава на македонскиот народ и на (…конститутивни, автохтони или на друг начин дефинирани) малцинства.
Во услови кога албанската заедница во земјава е целосно инкорпорирана во системот, кога рамковниот договор, кој е дел од Уставот, ги гарантира сите права, дипломатите советуваат ДУИ да ја смири топката и да не предизвикува безбедносни жаришта тука во контекст на промена на Уставот, имајќи го предвид фактот дека Албанците веќе имаат две држави на Балканот каде што се носечки државотворен народ.
Слични пораки интегративците добија и кога одбиваа да ја прифатат реалноста дека не се дел од власта, туку политичкото дејствување треба да го насочат од позиција на опозиција. Особено силна надворешна порака на отрезнување им стигна кога протестираа пред Уставниот суд, креирајќи лажен наратив дека се укинува Законот за употреба на албанскиот јазик, иако се расправаше за оспорени неколку точки од овој закон. Ставањето на нивниот потпретседател Артан Груби на црната листа беше директна порака од САД дека нивните деструктивни општествени поведенија (корупција, правна селективност, сегрегација итн) повеќе не ја уживаат поддршката од меѓународните партнери.
Дека тоа е така покажаа и резултатите од локалните избори, кога ДУИ како политичка опција доживеа изборен дебакл, односно граѓаните ги отфрлија нивните поведенија проследени со лукративни политики и им порачаа дека сакаат земјата да оди напред, ослободена од етноцентризмот и национал-милитаристичките политики.
Несомнено преку интензивната комуникација меѓу дипломатите и водечките луѓе на ДУИ било порачано интегративците конечно да почнат да бидат флексибилни кон креативните уставни измени што би се понудиле. За споменување е и информацијата дека македонските Хашки случаи сѐ уште се Дамоклов меч во целиот мозаик.
Лидерска средба за да се влезе во вербален претрес на предизвикот и за надминување на предрасудите
Дипломатските сугестии, имајќи ги претходните искуства во земјава кога станувало збор за горливи прашања, одат во насока дека за да се постигне поширока политичка и општествена согласност околу новото креативно решение за уставните измени, потребно е да се иницира лидерска средба во поширок формат, на која ќе се изнесат сите аргументи.
Целта е да се објасни дека никој ништо нема да загуби со креативното преформулирање на преамбулата на македонскиот устав, односно македонскиот народ самиот ќе си ги обезбеди гаранциите што ги бара околу идентитетските атаки, од друга страна, со формулацијата „конститутивни малцинства“, не само што ќе ги задржат еднаквите права што и сега ги имаат, туку дополнително ќе ги надградуваат како што земјата ќе се приближува кон полноправно членство. Дури и сега со изготвувањето на Акцискиот план за малцински права, кој е по барање на ЕУ, тие одат скалило повисоко. Во еден ваков контекст би било интересно да се дискутира дали можеби има потреба од носење закон за малцинства, како во други земји, каде што ќе бидат попрецизно дефинирани правата на помалобројните етнички групи во земјава.
Дипломатите од постојаните контакти што ги имаат со другите малцински заедници во земјава констатирале дека ниту еден друг етникум, освен албанскиот, не се противи на ваквите уставни измени, па затоа преферираат лидерска средба на која сите сомнежи би биле отстранети.
Дотолку повеќе, и самите констатираат дека поранешен министер за надворешни работи што доаѓаше од редовите на ДУИ немал никаква потреба да ги прифаќа двата протокола во преговарачката рамка со ЕУ, туку тоа го направил на своја рака и го иницирал проблемот поради кој македонскиот народ сега е под идентитетска закана.
– Лидерската средба е потребна за да се расчистат некои работи, односно да се уверат албанските политички лидери дека нема загрозување на ничии права, не се губи ништо, туку единствено македонскиот народ самиот ќе си ги обезбеди гаранциите што сега ги бара од некој друг, што во принцип нема логика. Рамковниот договор останува, застапеноста во институциите останува, а забележуваме и позитивен тренд на овие избори, кога етничките теми почнуваат да се тргаат настрана и се поаѓа од граѓанските интереси. Веќе има никулци на општествена кохезија, а таа ќе се засили ако Албанците не ги опструираат уставните решенија што ќе значат крај на блокадите и отворен пат кон ЕУ. Терминологијата во суштина во овој случај не менува ништо ниту за Албанците, ниту за другите малцински заедници што сега се присутни во Уставот. Дополнително, во Унијата има расположение Македонија веднаш да им се приклучи на Албанија и Црна Гора бидејќи, според подготвеноста, е далеку пред нив, имајќи го предвид фактот дека земјата со ЕУ индиректно преговара веќе 20 години. Тоа го посакуваат сите македонски граѓани – велат во неформален разговор дел од дипломатите.
Суверенистичка поддршка
Во таа насока, позитивни сигнали за вакво креативно решение со уставните измени пристигнува и од суверенистите, кои се на ставот дека Македонија сама треба да одлучи какво решение за уставните измени ќе направи, без некој од страна да ѝ кажува дали тоа за другите е прифатливо или не.
Тоа неодамна во Скопје го кажа и словачкиот претседател Петер Пелегрини, порачувајќи дека интеграцијата на земјата не треба да се злоупотребува со политички спорови. Слични ставови изразуваа и претседателите на Хрватска, на Словенија, на Чешка, на Полска, на Унгарија, кои се на ставот дека земјите сами треба да одлучуваат за решенијата што ќе ги носат, без наметнување туѓи агенди.
Македонија во таквите планови повеќе од сигурно е дека може да смета и на американската поддршка, особено ако се има предвид фактот дека САД се наш стратешки партнер и ја уживаат довербата и кредибилитетот кај сите македонски граѓани. Таквиот суверенистички пристап, претходно запечатен со широк општествен консензус околу внесување на македонските граѓани со бугарска самосвест во Уставот, но и со потврда на статусот на македонскиот народ како носечки и државотворен, може да гарантира успех затоа што би бил прифатлив и за Европа и за САД. Откако ваквиот предлог би ја добил меѓународната поддршка, тогаш треба да се направи еден вид сенационален сојуз во институциите и таму да се заокружи целиот процес на уставни измени, со што ќе се одблокира пристапниот процес на земјава.
Дипломатите сметаат дека на тој начин ќе се воспостави систем на внатрешна доверба во општеството и на тој начин во иднина многу полесно ќе се носат одлуки што се од национален интерес, со уважување на сите чинители и со конечно надминување на наративите дека некој ја предал државата и слично.
Премиерот Христијан Мицкоски пред извесно време најави дека е можно вклучување на некоја моќна земја во надминувањето на спорот со Бугарија, но во суштина сѐ се сведува на решение што ние самите ќе го изнајдеме и со кое самите ќе си ги обезбедиме потребните гаранции дека и доколку во иднина дојде до некаква непринципиелна блокада, македонскиот идентитет нема да биде предмет на условувања.
Дополнително охрабрување може да бидат и најавите дека во рамките на ЕУ веќе се иницира процес за брз прием на сите земји од Западен Балкан, но со ограничени права, односно без комесари, право на вето и одлучување за поважните прашања што ја засегаат Унијата. Во меѓувреме, советуваат дипломатите, „топката е во вашиот двор, решенијата зависат исклучиво од вас, седнете и договорете се, ние сме тука да помогнеме“.





































