фото: Доминик Матус

Концерт на легендарниот американски дрон-метал состав „САН” ( SUNN O))) )ќе се одржи вечерва во ЈУ Младински културен центар во организација на издавачката куќа „Фак Јога/Милинтант ЗаЗа”.

Стивен О’Мали и Грег Андерсон, двоецот што стои зад оваа звучна алхемија, пристигнуваат во Скопје како дел од европската турнеја „Shoshin Duo“, која оваа есен ги носи низ Белград, Загреб, Софија и други градови. Нивната музика не е само концерт – тоа е телесно искуство.

Познати по своите моќни звучни ѕидови, бавни и тешки фреквенции, и ритуалната магла што ја обвива публиката, „САН“ создаваат атмосфера која истовремено е медитативна и застрашувачка. Настапите им се дел од уметничка изведба каде што гласноста не е само сила, туку форма на комуникација – вибрација која се чувствува во коските и градите.

За љубителите на авангардата, на експерименталниот звук и на границите на можноста на музиката, ова е вечер што ќе се памети. МКЦ ќе биде исполнет со густ, длабок звук и светлина што ќе го претвори просторот во звучен облак.

Билетите за концертот на „САН“ во МКЦ се во продажба на линкот drugastrana.mk по цена од 1.200 денари, додека на врата истите ќе бидат 1.500 денари.