Франција, нејзините граѓани и политичките партии во жолчни „за и против- полемики“ во врска со Макрон и неговото опстојување
- Франција, граѓаните и нејзините политички партии не расправаат само за оспоруваните и непопуларни промени во даночната политика и околу државниот буџет, не само за предложените промени во пензискиот систем, туку и за самото опстојување на претседателот Емануел Макрон на кормилото на француската држава и надворешната политика, која тој ја води
- Се разбира дека Франција, без никакво сомневање, останува држава членка на ЕУ со решавачко значење и влијание за Европа, а пред сѐ за Република Македонија. Македонија треба внимателно да следи и да се позиционира соодветно кон најновите политички вриежи во Франција. Особено да обрне внимание кон онаа „втора суверенистичка Франција“, која е на повидок, земајќи внимателно предвид какви се ставовите на Непокорна Франција, Националниот собир и на другите француски партии, кои сѐ посилно му ја разнишуваат политичката фотелја на Макрон
„Францускиот народ го има последниот збор“, се огласи со порака до француската јавност Марин Ле Пен, една од лидерите на Националниот собир, откако францускиот парламент изминатиот четврток ги отфрли барањата на нејзината партија, како и на Непокорна Франција, за изгласување недоверба на премиерот Себастијан Лекорну.
– „Непокорните“, комунистите и „зелените“, заедно со Националниот собир и „сиотистите“ не успеаја да го соборат премиерот. Владата останува на функција, а расправите за буџетот сега можат да започнат – напиша весникот „Фигаро“.
Но Франција и нејзините политички партии не расправаат само за оспоруваните и непопуларни промени во даночната политика и околу државниот буџет, не само за предложените промени во пензискиот систем, туку и за самото опстојување на претседателот Емануел Макрон на кормилото на француската држава и надворешната политика, која тој ја води.
Повик до народот да „ја избере својата иднина“
– Овој четврток, 16 октомври, предлогот за недоверба поднесен од Националниот собир беше отфрлен од неочекувана коалиција: социјалистите, републиканците и макронистите претпочитаа да се обединат за да ја спасат владата, која беше без сила, наместо да му дадат глас на францускиот народ. Нивната единствена амбиција сега е да ги зачуваат своите позиции, да спречат по секоја цена земјата да си го врати правото да ја избере својата иднина. Го осудувам овој „режим на несреќа“ – напиша Ле Пен.
Според Ле Пен, „буџетот што владата на Лекорну сака да го наметне е вистинска објава на војна против Французите“.
– Се наметнуваат 19 милијарди евра дополнителни даноци. Двесте илјади домаќинства со ниски приходи се принудени да плаќаат данок на доход, предвидени се 3,8 милијарди евра намалување на пензиите и оданочување на надоместоците за боледување. Од друга страна, државното расипништво, непотребното трошење и неконтролираната имиграција продолжуваат да цутат без да се заштеди ниту едно евро. Шеесет и шест проценти од Французите бараат распуштање на парламентот, за да се стави крај на сево ова и со цел да му се врати моќта за одлучување на народот – нагласува Ле Пен во својата порака до француската јавност.
Таа категорично истакнува дека „Французите повеќе нема да го толерираат овој презир“.
– Ќе дојде време кога Французите ќе можат слободно и суверено да одлучуваат, со тоа што конечно ќе ѝ дадат на Франција стабилно, кохерентно мнозинство, решено да дејствува во нивно име. Ќе продолжиме да ги браниме работниците, семејствата, пензионерите и земјоделците. Ќе продолжиме да ја осудуваме неправдата на даночниот систем, кој е без сила, несигурноста што ги мачи нашите градови и масовната имиграција, што ја загрозува нашата национална кохезија. Нашата должност е јасна: да ја вратиме контролата врз нивната судбина на францускиот народ. Се залагаме за достоинство, храброст и лојалност кон Франција. Националното собирање ќе ја продолжи оваа борба до победа, сè додека нацијата не ја врати моќта што ѝ припаѓа – заклучува Марин Ле Пен во своето обраќање до француската јавност, по неуспехот да го соборат премиерот Себастијан Лекорну.
Судската пресуда како да не го намали политичкото влијание на Ле Пен
Државниот совет, највисокиот управен суд во Франција, пред неколку дена ја одби жалбата на Марин Ле Пен како пратеничка и лидерка на партијата Национално собирање. Судот претходно во април ја осуди Ле Пен за злоупотреба на средства од Европската Унија. Со таа пресуда ѝ е одредена петгодишна забрана за кандидатура на избори, која стапи во сила веднаш, за разлика од делумно условната затворска казна. Таа поднела посебна жалба против пресудата. Следните претседателски избори, на кои Ле Пен планираше да се кандидира, се закажани за 2027 година. Со оглед на тековната политичка криза во Франција, постои можност и за предвремени парламентарни избори, на кои исто така ѝ е забрането да учествува.
Ја пренесовме во пошироки наводи споменатата порака до француската јавност на Ле Пен, бидејќи таа има и натаму сериозно влијание врз францускиот политички живот, со оглед дека и натаму е еден од лидерите на Националното собирање, заедно со Жордан Бардела. Од влезот во Европскиот парламент во 1979 година, Националното собирање промовираше порака дека е за Европа, но и оти е против ЕУ ваква каква што е. Од 2019 година оваа партија бара реформа однатре во ЕУ. Таа се залага Советот на ЕУ да го предложува законодавството на ЕУ, а не Европската комисија и оти француските закони треба да имаат предност пред законите на ЕУ. Националното собирање бара заштита на францускиот идентитет и „врамнотежена и независна француска надворешна политика“, противејќи се на францускиот интервенционизам во Африка и во други држави во светот.
Анализата на истражувачката организација „Европски совет на надворешни односи“ со наслов „Дискреција или нарушување: партијата Национално собирање не може да остане толку амбивалентна во врска со својот надворешнополитички пат“, објавена на 7 април, објаснува каква е веќе позицијата на Националното собирање не само во Франција туку и на европската политичка сцена.
– Националниот собир на Франција забележа силен изборен успех во 2024 година: во јуни постигна историски пробив на европските избори и стана најголемата партија во Европскиот парламент со 30 пратеници. Таа стана најдобро застапена партија и во француското национално собрание. Младиот и популарен претседател на Националниот собир на Франција, Жордан Бардела, е и претседател на групата Патриоти за Европа на Европскиот парламент. Но, и покрај омекнувањето на својата реторика кон ЕУ, партијата сè уште промовира деструктивна надворешна политика преку своите гласови. На пример, во Европскиот парламент, нејзините европратеници гласаа категорично против какво било проширување на ЕУ или за подлабока европска интеграција – се нагласува во споменатата анализа.
Во контекст на програмските определби на својата партија, Марин Ле Пен деновиве во јавно истапување се изјасни против, како што рече, „тоа смешно проширување на ЕУ“. Ова се ставовите на партијата, која стана бездруго водечката политичка сила во француската република, со растечки шанси токму таа да ја крои француската надворешна политика во наредниот период. Франција без никакво сомневање останува држава членка на ЕУ со решавачко значење и влијание за Европа, а пред сѐ за Република Македонија. Македонија треба внимателно да следи и да се позиционира соодветно кон најновите политички вриежи во Франција. Особено да обрне внимание кон онаа „втора суверенистичка Франција“, која е на повидок, земајќи внимателно предвид какви се ставовите на Непокорна Франција, Националниот собир и на другите француски партии, кои сѐ посилно му ја разнишуваат политичката фотелја на Макрон.
Свето Тоевски