Фото: МИА

Шефот на Мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР за локалните избори во земјава Матео Мекачи денеска изјави дека набљудувачите ги следат сите аспекти поврзани со изборите и истакна дека не е битен само денот на изборите, туку и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите.

Мекачи кој денеска беше на избирачкото место во Основото училиште „Лирија”, во општина Чаир истакна дека Мисијата се состои од 250 меѓународни набљудувачи, кои набљудуваат на територијата на целата држава.

-Ние сме овде како меѓународна набљудувачка мисија да го набљудуваме изборниот процес и да оцениме дали е се согласно стандардите. Ова гласачко место што го гледате позади нас е едно од многуте што ги набљудуваме. Нашата мисија се состои од околу 250 меѓународни набљудувачи, кои набљудуваат на територијата на целата Република Северна Македонија – рече тој.

Мекачи додаде дека Мисијата е воспоставена уште многу пред денот на изборите, со распоредување на 24 долгорочни набљудувачи на територијата на целата држава, кои што го набљудуваат целокупниот процес.

-И како што рековме не е битен само изборниот ден, туку битни се и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите. Секако ги следиме сите аспекти, кои се поврзани со самите избори, тука може да ги споменеме регистрацијата на гласачи, самата кампања, финансирањето на кампања, пристапот до медиуми, гласањето на самиот ден на изборите, пребројување на гласовите и.т.н – рече Мекачи.