Техно

Технологијата еСИМ, односно виртуелните СИМ-картички, кои им овозможуваат на корисниците да активираат мобилни тарифни пакети без потреба од физичка картичка, ќе бидат сè поприсутни на пазарот, а германската агенција „Роланд Бергер“ прогнозира дека до 2027 година околу 75 проценти од корисниците на паметни телефони ќе користат еСИМ. Виртуелниот еСИМ е присутен на пазарот околу шест години, првично како дополнување на физичките СИМ-картички, а во 2023 година зафаќаше околу 10 проценти од пазарот, што, според мислењето на агенцијата, наскоро ќе се промени благодарение на придобивките од оваа технологија.
Телефонските производители по исчезнувањето на физичкото место за пластична СИМ-картичка на телефоните ќе имаат повеќе простор за поголема батерија или за подобра камера. Податоците за идентитетот и параметрите на тарифата се вградени директно во електрониката на телефонот, што го поедноставува процесот на активирање на еСИМ. Корисникот само го скенира кјуар-кодот и веднаш може да ја користи услугата.
Таа иновација исто така овозможува активирање на повеќе тарифи на еден уред, што досега не беше можно со класични СИМ-картички. Побрзата и полесна активација на тарифите го прави еСИМ особено привлечен за корисниците и отвора пазар за нови конкуренти, вклучувајќи производители на уреди и глобални платформи што досега немале пристап до традиционалните мрежи. За телекомуникациските оператори, тоа претставува предизвик бидејќи еСИМ ја намалува потребата за физички продажни места и класични договори. Се очекува пазарот на мобилни услуги да станува сѐ поконкурентен, а традиционалните оператори би можеле да изгубат дел од контролата над корисничката база. Технологијата еСИМ така станува клучен фактор за трансформација на телекомуникациската индустрија бидејќи го забрзува дигитализирањето и ги приспособува мобилните услуги на потребите на модерните корисници.