Фото: Пиксабеј

Дигиталните беспрекорни женски модели создадени со вештачка интелигенција стануваат сè почести, што за многумина е повод за анализа и критика. ВИ-моделите можат да имаат влијание на тоа како жените се гледаат себеси и како ги гледаат другите. Тие можат да понудат нови можности за изразување и истражување на женската убавина, но исто така и да создадат голем број предизвици и проблеми. Не се ли современите стандарди за убавина на социјалните мрежи веќе доволно нереални?
– Земете ги предвид сите филтри за средување, кои претходно беа критикувани за промовирање пластична хирургија на пример и неограничените можности за подобрување на физиономијата, кои сега постојат на социјалните мрежи, што ги менуваат лицата и телата на жените. Сега мораме да се бориме и со комплетно вештачки произведена убавина – вели Оливија Петер, новинарка специјализирана за теми на меѓучовечки односи, мода, поп-култура и насилство врз жените.
Таа неодамна во британски „Индипендент“ напиша дека жените создадени со вештачка интелигенција, а чии лица и тела се толку совршени што не можат да бидат вистински, успеваат да ја поколебаат самодовербата кај многу жени.

ВИ-моделите се системи што можат да генерираат или да манипулираат со слики, звуци, текстови и други видови податоци. Некои од овие модели се користат за креирање или за подобрување на изгледот на сликите на женските лица и тела. Овие модели можат да ги променат изгледот, возраста, расата, полот, фризурата, шминката, облеката и другите карактеристики на лицето на сликата. Тие, исто така, можат да создадат сосема нови слики на луѓе што не постојат во реалноста.
Петер вели дека совршената онлајн жена не е реална, иако голем број ефекти влијаат да изгледа така.