Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп денеска и утре за првпат го организира фестивалот на рана музика „Дулчија сонант“. Фестивалот започнува денеска, од 20 часот, во киното „Мис Стон“, со концерт на хорска црковна музика. Ќе настапат црковниот клирос „Пелагонитиса“ и црковниот хор „Света Петка“. Во првиот дел од концертот ќе има источно црковно пеење, а во вториот дел сакрална полифонија.
На 17 октомври, од 20 часот, во киното „Мис Стон“ е концертот „Средновековни еха“, кој претставува ретка можност за слушање на делата од „Кодекс каликстинус“, „Кодекс лас хуелглас“ и „Либре вермел де монсерат“, кои потекнуваат од шпанската музичка традиција и ја одразуваат културната и религиозната историја на Шпанија, како и шарена палета од средновековна музика, вклучувајќи композиции од Франческо Ландини и музика на трубадурите од Окситанија. За првпат во Македонија ќе се слушне звукот на музичкиот инструмент портативна оргулa (organetto) од 14-15 век во рацете на истакнатата шпанска уметница Кристина Алис Раурик. Наедно како вокал ќе настапи и Ана Митоска.
Кристина Алис Раурик е афирмирана интерпретаторка, истражувачка и педагог од Шпанија, специјализирана за средновековни клавишни инструменти како портативна оргула (органето), клавицимбалум, клавицитериум и средновековни оргули. Во 2014 година, ја изработува првата светска реконструкција на портативна оргула од 13 век, заедно со истражувачот Валтер Чинаља. Како солистка и член на ансамбли како „Магистер петрус“, „Ветера“, „Ла дуче сембланс“, „Сонус хиспаниае“ и „Донафугата“, настапувала низ Европа и Северна Америка, снимајќи за радио и телевизија. Кристина е и педагог: професорка е на Центарот за средновековна музика во Монпелје, Франција, и асистент-директорка на курсот за средновековна музика во Бесалу, Каталонија. Нејзините настапи се познати по емоционалната длабочина и историската веродостојност, пренесувајќи ја публиката во музичкиот свет на средниот век.
Ана Митоска е македонски сопран со богато искуство како солист и во работа со ансамбли. Нејзиниот репертоар ги вклучува средновековната, ренесансната и барокната музика, музиката на современи композитори, како и изведби на композиции за театар и филм и традиционална музика. Настапувала на голем број фестивали и во театарски продукции, соработувајќи со меѓународни и домашни музички ансамбли и пијанисти.
Фестивалот „Дулчија сонант“, кој е поддржан од Министерството за култура и туризам, отвора ново поглавје во музичкиот живот на Прилеп и Македонија – патување низ вековите, од мистичните византиски напеви до раскошниот звучен израз на раната ренесанса .Ка.М.