Љубовниот танц на јуручкиот диџеј

Веднаш штом пристигна филмот „Диџеј Ахмет“ (2025) на репертоарот во Скопје побрзав да му предложам на брат ми што поскоро да одиме, а тој радосно го прифати мојот предлог.
„Диџеј Ахмет“ е во режија на Ѓорѓи Унковски и е негов дебитантски игран филм. Освен Македонија, во копродуцентските води подадоа раце уште Чешка, Хрватска и Србија.
Инаку, може да напоменеме дека за Унковски ова е второ гостување на реномираниот филмски фестивал „Санденс“, чиј основач е филмската легенда Роберт Редфорд.
Унковски како да е предодреден при секое гостување на „Санденс“ да жнее успеси, па ако првиот пат со краткометражниот филм „Налепница“ (2019) ја освои специјалната награда од жирито, овој пат ја приграби наградата од публиката и ги освои срцата.
Филмското дејство се одвива во едно од јуручките села во близината на Радовиш. Јуруците потекнуваат од Турција, но населени се во Македонија од 14 век. Тие водат номадски живот и сѐ уште го практикуваат кодот на традиционалните патријархални обичаи, кои се слични на оние од „Сведок“ (1985) на Питер Вир.
Таму Амишите се маргиналци за кои времето како да е застанато; не им робуваат на современите тенденции: компјутери, струја, a дури не слушаат ни музика. Во овие мистични витли на идентификација шармерот Харисон Форд успева да го освои срцето на Кели Мекгилис, која е во улога на Амишка.
Унковски успеал да креира одличен кастинг од неколку професионалци, а главните улоги им ги додели на натуршчици.
Ахмет (Ариф Јакуп) е петнаесетгодишно момче што живее со својот брат Наим, кој е нем, а таткото (Аксел Ахмет) тврдоглаво го носи кај јасновидец и покрај неговиот видлив антагонизам.


Аксел Ахмет секако е едно од најискусните професионални актерски имиња од целиот кастинг; претходно има остварено значајни перформанси во „Трето полувреме“ (2012) на Дарко Митревски и „Исцелител“ (2018) на Ѓорче Ставревски, кој би го вброиле во еден од најдобрите македонски филмови.
Бруталниот егоизам и фрустрации од татка си на својот грб не е осуден да ги чувствува само Наим, туку и Ахмет, кој е подложен секое утро да го дочекува со кофа вода по лицето и за казна спие покрај овците.
Авторот на филмот успеал одлично да го извлече максималниот капацитет од Ариф Јакуп и да го преточи во професионална изведба иако станува збор за натуршчик.
Драматуршката нарација функционира одлично; Ахмет мечтателски талка низ блиската шума и здогледува прекрасна глетка сочинета од три девојки што танцуваат во ритамот на музиката. Кај него се запалува „светилката“ и пројавува интерес за музиката.
Со окото снајперски цели кон најубавата Аја (Дора Акан Златанова), а таа не плени само со заводливиот ониричен танц туку и со своето нежно сатенско лице, срнечките очи и тигрестата става, која пројавува неверојатен талент.
И така може да нафрламе безброј суперлативи, но доаѓаме до профилниот модул на современата „Девојка со бисерна обетка“, кој своевремено ја овековечи холандскиот сликар Вермер.
Дополнителен плус е и минуциозната колоритна костимографија врамувајќи ја целосната слика во рамка. Тука бликнува љубов на прв поглед, но, за жал, таа е ветена за друг по традиционалната јуручка традиција. Но, како што знаеме, љубовта не познава граници, па така, и овде не е исклучок и покрај различниот животен статус. Ахмет доаѓа од доста скромно семејство, за разлика од Аја, која припаѓа на многу побогато семејство. И покрај сите закани од страна на некои од соселаните, остваруваат средба на неконвенционален начин: Аја доаѓа дотерана од глава до петици на мотор, а Ахмет во секојдневната облека со неколку капки лимон на косата.
По страсниот бакнеж прават планови за понатаму, бидејќи Ахмет веќе беше навлезен во музичките бранови благодарејќи на Аја, која ја поставува на Тикток снимката од скорешната технозабава во присуство на овците, а него го популаризира во диџеј. Со тоа му ги подотвора вратите кон „модерниот“свет на музиката, која е впрегната во оковите на зачмаениот провинцијализам градејќи пат кон слободата.

Една од клучните сцени е кога малиот Наим прозборува пред брат му, но не и пред татко му со транспарентна потврда дека не сака да оди веќе таму, мислејќи на јасновидецот, а Ахмет милно го нарекува ф’стаче.
По сериозните закани од страна на таткото на Аја, храбриот Ахмет успева на фелиниевски начин да пренесе хумор кај гледачите кога од џамијата пушта да ечи техномузика за да искаже поддршка и љубов кон Аја.
Камерата на Наум Доксевски во манир на романската кинематографија од горен ракурс успева да го долови пасторалниот пејзаж од јуручкиот крај, а во исто време со прекрасната приказна да ни ја пренесе глобалната порака за љубовта, која најчесто ги надминува бариерите и ги преточува во сплотеност.
Филмот „Диџеј Ахмет“ насобра добри критички осврти од еминентните „Варајети“ и „Холивуд репортер“. Останува уште да видиме каков одзив ќе наиде кај домашната публика, а мене ми останува да потврдам, „Диџеј Ахмет“ впишува нова страница во македонската кинематографија благодарејќи на неодминливиот и досетлив хумор на Ѓорѓи Унковски, кој е доблест само на храбрите.

Александар Василевски