Небојша Јовановиќ, директор на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“

  • Во свет во каков што живееме, да не елаборирам јас сега, мислам дека е доволно јасно, да создавате еден ваков фестивал значи да ослободите една важна територија од нашата локална, па и регионална, да не кажам и европска, корумпирана свест и да се борите за да ја одржите слободна, што значи да ја одбраните

Годинава се одржа 10. меѓународен филмски фестивал „Киненова 2025“. Зад фестивалот стојат десет години исполнети со предизвици и бурни моменти, но и со силни филмски и лични приказни на храбри автори од целиот свет. Како што сподели Небојша Јовановиќ, директор на меѓународниот филмски фестивал, фестивалот низ годините се соочил со различни притисоци – се обидувале да го цензурираат, да го замолчат, па дури и да го сопрат развојот на самиот фестивал. Сепак, благодарение на „Киненова“ успеале да изградат меѓународна мрежа од луѓе со слични вредности – слободоумни уметници и филмски творци – чија поддршка, идеи и визии придонеле фестивалот да продолжи да расте и да се развива. Подетално за јубилејот, предизвиците и за стремежите на фестивалот разговараме со Небојша Јовановиќ.

Какво е чувството по десет години водење на еден независен филмски фестивал?
Тоа е она чувство како кога гледаш дека едно мало и навидум немоќно дете прераснува во зрел и самоуверен човек. Тешко се опишува чувството, комплексно е. Содржи возбуда, неограничени количества адреналин и среќа, задоволство, но и носталгија, меланхолија. Гледате како пред ваши очи снемува големи души, немерливи величини од луѓе и уметници, со кои сте делеле исти вредности, сте поминале значајно време заедно и оставиле длабока врз вас, но и во светот на филмската уметност со своите уметнички креации, но и со своите хумани дела. Си заминаа Мира Фурлан, Жарко Лаушевиќ, Љупчо Тодоровски-Упа, сите лауреати на „Киненова“, но и мои сопатници. Нивната поддршка за мојата мисија со фестивалот и уметноста, нивните зборови, пренесеното знаење, животното искуство, советите и пораките се љубов ми го имаат наполнето срцето за сите времиња, што ми даде сила да ги совладувам сите предизвици со кои се соочуваше и се сретнуваше фестивалот во минатото.
По неверојатно големи бури, во однос на организацијата, условите за одржување на високиот програмски и продукциски квалитет на фестивалот, поставен уште од првите години на неговото основање на еден ваков независен настан, но и различните ставови, мислења во однос на мојата визија, како и во животот, доаѓате до момент кога научувате дека делата се важни, тие остануваат, сѐ друго минува и поминува. Кога еднаш ќе ја совладате оваа лекција, добивате сила да издржите сѐ понатаму. Па така, во случајов, фестивалот е оној што е во срцето на филмскиот универзум и никој, па ни јас кој сум негов креатор, не е поголем од самото дело, во случајов „Киненова“. Тоа е она дело што ќе остане и за следните генерации филмски создавачи, како и за следните генерации консуматори на вистинската филмска уметност.

Што за Вас лично претставува ова јубилејно издание? Во ретроспектива, кои се најголемите предизвици со кои се соочивте во изминатите десет години?
Како што и навестив малку во првото прашање, најголем предизвик во оваа наша средина беше да најдете соработници што резонираат на исто ниво со вас, кои ја препознаваат, но и ја прифаќаат вашата прикаска, но и мисија пресликана во „Киненова“ во целост, или во 100 отсто и на тоа плус 2,5 отсто. Суштински дел од таа мисија е одржување на независноста и бескомпромисноста во однос на квалитетот и независната евалуација на филмските дела и авторите, што е клучен момент за одржување на слободата на фестивалскиот простор. Во свет во каков што живееме, да не елаборирам јас сега, мислам дека е доволно јасно, да создавате еден ваков фестивал значи да ослободите една важна територија од нашата локална, па и регионална, да не кажам и европска, корумпирана свест и да се борите за да ја одржите слободна, што значи да ја одбраните. Па тука, низ годините тоа одземаше силна енергија, пред сѐ од мене, да се изборам со обиди за разно-разни влијанија со цел лобирања „за“ и „против“ за некого лично или за некое дело, за што на моја среќа добивав поддршка и од најголем дел од моите најблиски соработници, а со кои во најголем дел соработувам и денес. Доколку сте тргнале со намерата да си го држите интегритетот на високо ниво, не смеете да дозволите да се извалкате во ниедна ситуација. Можеби и јас сум направил некоја грешка попатно, да не кажам сигурно, и на момент сум потклекнал, но не дозволувам тоа да продолжи. Сум согледал и сум се коригирал. Јас можам самоуверено и слободно да кажам дека ми претставува огромно уживање да се спротивставам на неправда, да помогнам во истерување правда, да му помогнам на оној кому му е потребно, да откријам авторски глас, авторски бисер, пред другите да го забележат. Па ако во нашиот општествено-коруптивен виор тоа изгледа како невозможна мисија, тој луксуз можам да го доживувам на „Киненова“ бидејќи за тоа самиот сум се изборил.
Па така, низ годините се намножија голем број примери што ја направија приказната на „Киненова“ бурна и неверојатно возбудлива. Се соочивме со обид за цензура во 2018-та и застанавме стамено наспроти највисоките бранови, кои се закануваа да ја ограничат слободата на авторската експресија како што беше тоа случај со филмот на Јани Бојаџи, „Ругање со Христос“, кој јавно беше прикажан само тогаш и никогаш повеќе, односно веројатно уште еднаш во нашата држава. Следствено, во тие времиња се соочивме и со прекин на националната институционална поддршка. Имавме гости што не беа посакувани за одредени општествени фактори, како Русинот во егзил Виталиј Мански, ја надминавме пандемијата со организирање незапаметено издание „Киненова 2025“, кое одеше на една национална телевизија и кое стана пример во Европа и светот како успешен модел за надминување на вакви и слични кризи во областа на културата. Тоа издание мене лично ми буди дури и чувство на гoрдост, бидејќи јас и еден многу мал тим луѓе таа година спакувавме, брендиравме едно фестивалско издание што одекна низ цела држава, а како што кажав на одредени европски панел-дискусии, беше претставен како успешен модел за одржување на културата, културната сцена и културните политики во време на голема светска криза.
Задоволството е огромно кога го имате тоа чувство на независност, а истото тоа чувство немерливо се зголемува кога гледате дека за тоа имате поддршка од публиката, која секоја година е сѐ повеќебројна, млади автори од регионот, па и од целиот свет, па и повозрасни колеги, како и од партнерите, соработниците и странските и домашните институции.
Можам да кажам без никаква задршка дека особено ме прави среќен тоа што фестивалот успеа да се издигне толку токму поради препознавањето на многу странски институции, како што беа голем број амбасади, најмногу од европски земји, повеќе од дваесетина што го поддржале овој фестивал, а некои од нив го прават тоа континуирано секоја година.
Многу, неверојатно многу значење и препознавањето на квалитетот и независноста на настанот имаше од претставниците на Европската Унија, кои преку Делегацијата на ЕУ го поддржаа фестивалот во најклучните и најкризни моменти, а во оваа пригода би ја истакнал и поддршката од грчката, австриската и од унгарската амбасада, додека последниве години фестивалот го препознаа и Општина Кисела Вода и градоначалникот на Општина Кисела Вода, г. Орце Георгиевски.

„Киненова“ е позната по тоа што им дава простор на млади независни автори. Во што сметате дека порасна фестивалот од неговите почетоци до денес?
Најважно е дека фестивалот порасна кога станува збор за неговиот рејтинг кај младите автори, пред сѐ од Европа, но и од целиот свет. Јас лично постојано добивам покани за присуство на голем број филмски случувања, каде што се среќавам со млади автори од целиот свет, кои сакаат да дојдат на фестивалот и да го доживеат сиот сјај што еден автор или еден дебитантски филм може да го има ако фокусот е на него. А ние им го нудиме тој сјај, им го ветуваме, но исто така им го овозможуваме на младите автори што доаѓаат на „Киненова“ затоа што ги ставаме на пиедесталот заедно со „големите“, „потврдените“ – лауреатите, ги ставаме на иста сцена со еден Зајдл, Илдико Ењеди, со Разван Радулеску, Мира Фурла, Даг Јихан Хагеруд. Е тоа доживување тие никогаш не можат да го заборават, ниту можат да го доживеат на друг фестивал. Ова не се мои зборови, туку нивни, кои само ги пренесувам во оваа можност. Секако, фестивалот порасна и во однос на дополнителните настани, мастеркласови, работилници, предавања и слично, кои го дополнуваат образовниот процес на филмските школи во Македонија. Но, секако, порасна и во однос на имињата што ги носиме на „Киненова“. Неверојатно е возбудливо и ми претставува чест кога имаме актуелен победник на „Берлинале“, на пример, или лауреат на „Канскиот фестивал“ со кои со леснотија се договараме затоа што ни ги почитуваат фестивалот и земјата.

Какви промени забележавте на македонската и регионалната филмска сцена како резултат на „Киненова“? Дали чувствувате дека фестивалот успеал да предизвика некакво културно поместување?
Одлично прашање! Прашање поради кое и постои „Киненова“. Да не верував дека ќе може да се направи какво било поместување или промена во целиот општествено-културолошки контекст, никогаш немаше да се занимавам со уметност или организирање на ваков амбициозен меѓународен културен настан, ниту ќе продолжев по првите неколку години да не ја видев промената.
Всушност, по „Киненова“, во земјата се појавија голем број нови филмски фестивали, што секако ме радува и го поддржувам. Тоа ме исполнува бидејќи еден дел од мисијата ми е исполнет, да се успее да се создаде мрежа од независни филмски случувања. Во тоа е иднината на филмската култура, која и онака во европски рамки е на залез. Филмските случувања од овој тип и многубројните арт хаус кина низ европските градови сѐ уште ги одржуваат свежи и живи филмската уметност и култура. Тоа го потврдија и сите меѓународни гости оваа година на „Киненова“. Да не се филмските фестивали, голем број филмови од овој формат не би биле видени, ниту истакнати, ниту би имале каква било дистрибуција.
Да не заборавиме, би истакнал уште еднаш во оваа пригода, „Киненова“ како меѓународен филмски фестивал што се организира по највисоките светски технички, концепциски и организациски стандарди за организирање на еден светски филмски фестивал е еден од само петнаесетината фестивали што директно и целосно ги поддржуваат и ги промовираат дебитантите во светот на филмот.
Како такви докажавме и покажавме дека не треба само да си дел од голема кинематографија и голема земја за да се појавиш на светската филмска сцена. Докажавме дека и Македонија може да понуди атрактивен простор кога филмот е во прашање. Тоа е можно кога имате оригинален концепт и прикаска што упорно ја буткате напред. Со самото препознавање на искреноста, оригиналниот концепт и високиот интегритет, кој морате да го одбраните секоја година и на секое издание, со фестивалот ги донесовме најдобрите, но и недоволно промовирани автори, кои беа, така да кажам, откриени, односно промовирани за првпат на „Киненова“. Сметам дека тоа не е мала работа. И покрај тоа што дел од нив сега се големи светски имиња како што е тоа на пример бугарскиот режисерски тандем Петар Валчанов и Кристина Грозева или гркот Захаријас Мавридис, тие не можат да ги заборават искуството на „Киненова“ и вниманието што за првпат го добиле. Исто така преку сево ова ние ја промовираме својата македонска национална кинематографија во меѓународен контекст.

Филмот на отворањето, „Изгубениот сон на југословенскиот дрим тим“, носи силна носталгична емоција и историска рефлексија. Зошто токму овој филм беше презентиран за отворање на јубилејното издание?
Од многу причини. Лично сакам кога филмот има обединувачка моќ. Сметав дека овој филм го има тоа. Допира многу луѓе и народи од овие простори, не само поради животот во заедничката држава туку и поради делењето на едни убави вредности. Особено сметам дека е моќно и многу лично ме допре кога на едни едноставни и човечки емоции на другарство и заедништво се спротивставува политика што носи делби и конфликти. Силно реферираше на реалноста што и денес ја живееме во поширок светски контекст.
Тоа е само една од причините. Секако и поради квалитетот на филмот и неговата оригиналност. Мислам дека во тоа се увери целата публика. Ова е филм емоција, направен со силно режисерско умеење и вештина. Да искористиш само архивски материјали и исповеди на најголем дел од членовите на легендарниот југословенски кошаркарски тим и да изградиш една емоција што постојано флуктуира и градира, за мене е нешто возвишено и фасцинантно. И замислете, режисерот за првпат ги обединува сите на едно место, а многу интересен момент е и тоа што никогаш порано не се кажани помеѓу самите протагонисти во филмот, легендарните кошаркари, тие описи и чувства, па и информации. Никогаш порано не ги споделиле помеѓу себе. Ова е навистина голема моќ што ја покажа режисерот Јуре Павловиќ. Уште еден доказ како филмот, односно уметноста го менува светот. Да промените само еден однос помеѓу луѓето и веќе сте го промениле светот.

Колку е важно за еден фестивал како „Киненова“ да остане независен, особено во контекст на општествени и политички предизвици? Како ја одржувате таа автономија?
Исклучително е важно. Инаку сте се загубиле во целта. Не само поради општествени или политички предизвици, морате да изградите независност, неутралност и здрава дистанца и во однос на колегите со кои работите, но и пошироко, со колегите од фелата во локалната и меѓународната средина. Ни малку не е лесно. Напротив. Исклучително е тешко. Но морате да одите по тој пат затоа што во спротивно ќе се загуби самиот дух на фестивалот, а тој е неверојатно сензибилен и многу лесно може да се наруши. Знаете, на младите им е и најлесно и најтешко да бидат независни, но тоа е од суштинско значење за да можат да се изградат како здрави создавачи. Денес сме сведоци и на автоцензурата, која е сеприсутна и многу добра состојба за владеење на одредени модели, интересни групи и слично. Тука е моќта на „Киненова“, да ги разбуди или да ги освести тие состојби. Значи од есенцијално значење е она што вие го нарекувате автономија. А како ја одржуваме, тоа е една цела нова прикаска. Тоа е онаа внатрешна борба, затоа што етиката е крајно лична работа. Вие ќе се соочувате со сите отстапки од истата таа. Јас лично да одговорам дека се научив годиниве да одам само напред, па дури и кога ќе се разочарам во некого или во некоја постапка, да продолжам и да најдам некој нов, да создадам некоја нова околност. Не знам дали е среќа или последица на храброст, но ми успева и ако не во земјава, наоѓам истомисленици во поширокото опкружување.

Кој дел од подготовките Ви носи најголема радост и мотивација, дури и по толку години работа?
Искрено, најмногу се радувам кога ќе започне да се создава визуелниот идентитет со кој треба да се брендира новото издание. Тоа за мене секогаш е нова возбуда во која максимално уживам и во која се давам 102,5 отсто. Секако покрај онаа возбуда кога знам дека сум ги договорил филмовите што ме возбудиле и кои сакам да ги имаме на „Киненова“.

Каков патоказ ѝ кроите на „Киненова“…? Имате ли некоја визија или цел што допрва сакате да ја остварите преку фестивалот?
Да, имам. Тоа е зацртано уште од основањето. Да ја спојам љубовта кон филмската уметност, искусните и големи филмски диви и филмски мајстори, младите сили во светот на филмот и љубовта што ја имам кон мојата земја Македонија, нејзиното непроценливо културно наследство, култура и историја. Така го замислувам „Киненова“ во иднина, преку младите и големите ѕвезди да ги промовирам нашата земја, македонската култура и филм во целиот свет и да продолжам да ги носам и да ги промовирам најхрабрите авторски гласови кај нас. Да воскресне највисокиот космополитизам и алтруизам, кој е вкоренет во нашата култура и кој некогаш блескаше, само е подзаборавен. Се надевам, ви доловив како ќе изгледа „Киненова“ во иднина.