Фото: ЕПА

ШАХ – МЛАДИНСКО СП 2025

Еден и пол поен од можни шест е вкупниот резултат на македонските претставници во деветтото коло на Светското првенство (СП) за младинци во шах во возрасните категории до 14, 16 и до 18 години во Драч (Албанија). Цел поен со црни фигури во категоријата до 16 години освои Мајкл Бурнс (2.131 рејтинг-поени, рангиран 68. пред почетокот на СП), против Теофило Араканчи (1.637, 133.) од Мексико, а третпат ремизира ЖФМ Моника Жежовска (1.996, 29-та), со црни фигури против Срикумар Анупам (1.943, 39-та) од Индија, во категоријата до 18 години. Партиите ги загубија во категоријата до 18 години ФМ Антон Златков (2.351) со црни фигури од ФМ од Украина, Артем Дјачук (2.298, 55.), потоа во категоријата до 16 години Делфина Огњановска (1.610, 97.) со црни фигури од Линеа Линдхолм (1.739, 84-та) од Норвешка и во категоријата до 14 години Даниел Стефаноски (1.833, 112-ти) со црни фигури од Гуереро Диаз (2.099, 56-ти) од Мексико, а Елисавета Бурнс (1.494, 95-та) со црни фигури од Рада Георгиева (1.638, 80-та) од Бугарија.
На две кола до крајот на СП 2025 Жежовска е на 36-то, Златков на 58-то место, двајцата со по 4,5 поени. По 3,5 поени освоија Стефаноски на 106-то и М. Бурнс на 113-то место, а 2,5 поени имаат Е. Бурнс на 98-та и Огњановска на 107-та позиција. На СП 2025 во сите категории играат вкупно 719 младинци (четири ВМ, 23 ИМ, 16 ЖИМ, 108 ФМ, 49 ЖФМ) од 83 држави. Г.И.