Фото: Принтскрин

В среда од 19 часот во книжарницата Литература.мк во Дајмонд мол во Скопје ќе се одржи промоција на монографијата за животот и делото на маестро Кире Костов, трубач, диригент, аранжер, педагог и еден од најистакнатите и најплодни македонски композитори.

„Кире Костов – лет на ноти и спомени“ е дело на авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски, содржи околу 250 страници и претставува сведоштво за неговиот творечки опус – од првите композиции, преку долгогодишната работа во Танцовиот оркестар на МРТ, до неговите најпознати песни како „Летај галебе“, „Твоите очи сине“, „Тајно моја“, „Кога те нема“, „Што те нема“, „Бела птица“ и многу други кои се културно наследство што ја збогатува македонската музичка ризница.

Кире Костов во текот на својот живот создал околу 700 класични, поп, народни и џез композиции, секаде вткајувајќи го препознатливиот македонски мелос, но оставајќи свој длабок автороски печат. Меѓу другото, еден е од основачите на музичкиот фестивал за деца „Си-до“ и се јавува како композитор на голем број песни за деца, а во поранешна Југославија бил единствен нејзин претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија.

Реализацијата на монографијата е иницијатива на неговата сопруга, Кармен Костова и првпат беше претставена летово во рамките на Битфест во Битола.

Кире Костов е роден на 14 септември 1949 година во Битола, а почина на 27 јули 2023 во Скопје.

Во негова чест, на 11 ноември во Националната опера и балет ќе биде одржан концерт на кој голем број македонски изведувачи ќе претстават дел од богатиот творечки опус на Костов. Ф.Д.