Потсетување на впечатливиот говор на генералот Михајло Апостолски пред народниот собир и митинг на централната републичка прослава во Охрид – 11 октомври 1983 г.
- Во историската победа во Народноослободителната војна се реализира вековниот сон на македонскиот народ за национална и социјална слобода, создавањето слободна Република Македонија, суверена држава на македонскиот народ и на народностите што живеат во неа, истакна генералот Михајло Апостолски
Михајло Апостолски е една од најзначајните личности во современата македонска историја, особено од периодот на македонското народноослободително и антифашистичко движење во Втората светска војна. Тој бил командант на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија и има клучна улога во организирањето на македонските партизански единици и ослободувањето на Македонија. Како активен учесник во АСНОМ, тој ја застапува идејата за македонската државност и македонското национално самоопределување. Останува запаметен како еден од клучните архитекти на македонската државност, која произлезе од НОБ и антифашистичкото движење во Втората светска војна. Неговите мемоари и историски трудови денес се основа за разбирање на борбата за ослободување и формирање на современата македонска држава. По војната, ја продолжува кариерата во Југословенската народна армија (ЈНА), а меѓу 1976 и 1983 година е претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), придонесувајќи за унапредување на историските и хуманистичките науки во Македонија. Носител е на високите државни одликувања, меѓу кои и титулата народен херој на Македонија. Во продолжение, по повод празникот 11 Октомври, во целост го пренесуваме неговиот говор од народниот собир и митинг на централната републичка прослава одржани во Охрид на 11 октомври 1983 година.
Огромно и пресудно значење за натамошниот разгор на вооружената револуција во Македонија има формирањето на Комунистичката партија на Македонија и првата седница на нејзиниот Централен комитет, одржана на 19 март 1943 година во Тетово. Тоа беше логичен израз на долгогодишната борба на комунистите во Македонија. Создавањето на Комунистичката партија на Македонија имаше големо значење за развојот на востанието, а во широките пародии маси се одрази како чекор напред кон ослободувањето и како гаранција за рамноправен статус во новата заедница на народите и народностите на Југославија што се раѓаше низ борбата.
Одлуките на првата седница на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија и нивната реализација за реорганизација на партиската организација и формирањето пет обласни комитети; за преземање поостри мерки против: Колебливите и опортунистички елементи во Партијата, за позасилена работа во создавањето единствен народноослободителен фронт; за зајакнување на постојните и за формирање нови партизански одреди и пренесување на тежиштето на борбите на територијата под италијанска окупација, за излегување на раководствата на Партијата и вооружените сили на терен, за реорганизација на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и создавање на пет оперативни зони, дадоа силен поттик на натамошниот разгор на вооружената борба. Таквиот курс придонесе во првата половина на 1943 година Народноослободителната борба во Македонија да бележи големи успеси. Кичевско, Дебарско, Битолско, Преспа, Тиквеш и Кумановско станаа жаришта на оружената борба од каде што таа брзо и успешно се ширеше низ цела Македонија. Приливот на нови борци во партизанските одреди беше cѐ поголем. Се создаваа услови за брзо проширување на органите на народната власт, како и за формирање на повисоки органи на власта.
Нов поттик на оружената борба и на развојот на народната власт дадоа одлуката на Преспанското советување и состанокот на ЦК на КПМ одржан од 2 до 4 август 1943 година во реонот на Отешево во Преспа. Овде, врз база на двегодишното воено искуство на партизанските одреди, како што е познато, се заклучи да се пристане кон формирање на воени единици, способни за дејствување низ цела Македонија и пошироко. Едновремено се реши да се засили уште повеќе работата на партиските организации и засилено да се работи врз проширувањето на мрежата на народните одбори и да започнат подготовките за свикување и конституирање на највисокото претставничко тело – АСНОМ.
Масовноста на востанието, силните удари нанесени на окупаторот, создавањето на слободни територии, го поставила на дневен ред и создавањето на покрупни воени единици, односно создавањето на Народноослободителната војска на Македонија. Така, на 18 август 1943 година е формиран баталјонот „Мирче Ацев“, на 24 септември баталјонот „Страшо Пинџур“, почна процес за брзо создавање на баталјони во I, II, III и V оперативна зона. На 11 ноември 1943 година во село Сливово се формира Првата македонско-косовска бригада, а на 20 декември истата година, се формира Втората македонска ударна бригада. Тоа беше крупно сведоштво за силата на нашата Народноослободителна борба, за нејзиниот народен карактер, за истрајноста да ja извојуваме долгоочекуваната слобода и национална рамноправност. Пренесувајќи ja борбата на целата територија и нанесувајќи cè посилни удари на окупаторот, нашите партизански единици израснаа во вистинска народна војска. Таа „македонска војска“, како што народот ja викаше, ja дочекуваше и масовно стапуваше во неа. Нашата народноослободителна воjска на дело ja спроведуваше политиката на братство и единство и рамноправност меѓу нашите народи и народности. Заеднички се бореа и гинеа Македонци, Албанци, Турци, Срби, Хрвати, Словенци, Босанци.
Истовремено со разгорот на борбата и со формирањето на крупните воени единици се шири и развива револуционерната народна власт. Посебно значење за натамошниот развој на народната власт има создавањето на слободна територија во Западна Македонија, во септември 1943, и слободните територии во Тиквешко, Гевгелиско, Кумановско. Истовремено илегални народноослободителни одбори се формираат на неослободените подрачја. На слободната територија се развива интензивен општествено-политички живот. Се раѓаат никулците на народната просвета, школство, судство. Покрај развојот на партиските и скоевските организации – израснуваат во целата своја ширина Народниот фронт, младината, Антифашистичкиот фронт на жените.
Во тие услови се јавува и Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ во кој е изнесена платформата на Народноослободителната борба во Македонија. Во него се изнесени основните цели на оружената борба на македонскиот народ. Во него е подвлечено дека народот се бори за своето национално, социјално, економско и културно ослободување. Оружената борба – се подвлекува во Манифестот, во Македонија се води и за заеднички живот на Македонците, Албанците, Турците и Власите, како и другите народности што со векови заедно живеат во Македонија. Со објавувањето пред широката јавност за каква Македонија се бори македонскиот народ, се даваат основните поставки за темелите врз кои се гради нова и слободна Македонија, изразени во Манифестот со зборовите – Ние ќе направиме братски сојуз со сите југословенски народи врз база на полна национална рамноправност со српскиот, хрватскиот, словенечкиот и другите народи на Југославија.
Подемот на востанието во Македонија беше можен затоа што нашиот народ ja прифати политиката на КП како своја, како израз на своите најдлабоки национални и социјални стремежи. Рамо до рамо со народите и народностите на Југославија,со своите доследни сојузници ja прифати заедничката борба за создавање на нова Југославија во коja македонскиот народ стана рамноправен член со сите народи и народности на Југославија остварено со историските решенија на Второто заседание на АВНОЈ.
Голема е, исто така, улогата на единиците на Народноослободителната војска на Македонија во зацврстувањето на односите со албанскиот, бугарскиот и грчкиот народ, во поврзувањето на нашата Народноослободителна војна со движењето на соседните балкански земји. Така, како резултат на cè поширокиот размав на нашата борба беше формиран баталјонот „Христо Ботев“ од бугарските заробени војниците што преминаа во редовите на нашите единици. Присуството на нашите единици во Егејска Македонија, соработката и содејството со партизанските одреди во Албанија, масовното учество на Македонците во народноослободителните движења во Пиринска и Егејска Македонија, зборува за доследно спроведена интернационалистичка линија на нашата Партија, коja се раководеше исклучиво од интересите на сестраниот разгор на вооружената борба против фашистичките агресори.
Во 1944 година во составот на Народноослободителната воjска на Југославија се изградува армија на македонскиот народ од 24 ударни, четири артилериски, три инженерски, една коњичка и моторизирана бригада, групирани во седум дивизии и три корпуси, со територијална мрежа од осум подрачја со 34 месни команди, со посебни единици. Оваа армија 01Д седум дивизии, во процесот на своето растење, покрај тешките борби во 1941 и 1942, во 1943 и 1944 година изведе повеќе операции, како што беа: Второто ослободување на Кичево, одбрана на слободната територија во Западна Македонија и други, потоа офанзивите на граничниот појас од Вардар до Мариово, Февруарскиот поход, Пролетната офанзива и Завршните операции за ослободување на Македонија. Македонскиот народ од оваа армија испраќа еден корпус и на Сремскиот фронт чии единици, како и сите единици во борбите и офанзивите, покажаа масовна храброст, пожртвуваност и упорност. На браникот на слободата останаа над 26.000 борци и уште двапати повеќе жртви од фашистичкиот терор. Ним им должиме вечна благодарност, слава и обврска дека со сите сили и сета упорност ќе ги браниме придобивките што ги извојувавме во големата Народноослободителна војна и револуција.
Во историската победа во Народноослободителната војна се реализира вековниот сон на македонскиот народ за национална и социјална слобода, создавањето на слободна Република Македонија, суверена држава на македонскиот народ и на народностите што живеат во неа, рамноправна во братската социјалистичка самоуправна заедница на југословенските народи и народности. Се разбира дека без промената на класните односи не би постоела ниту југословенската заедница каква што е денес, без братството и единството и рамноправноста што ги извојуваме со крвта на нашите најдобри синови, не би биле можни ниту слободата и сестраниот општествен подем на Социјалистичка Република Македонија. За изминатите речиси скоро четири децении слободен живот, македонскиот народ, Албанците, Турците и етничките групи што живеат во СР Македонија остварија крупна општествено-економска и културна преродба што го измени и ликот на оваа земја и животот на луѓето. Таков развој беше единствено можен во слободна, социјалистичка и неврзана Титова Југославија. Тоа беше силата што нѐ крепеше да ги издржиме политичките и економските притисоци што од самото раѓање се вршеа врз нова Југославија, тоа беше силата да ги совладаме сите пречки и тешкотиите на нашиот бурен развој.
Следете ги пораките на револуционерите во проектот на „Нова Македонија“
Пораките на генералот Михајло Апостолоски ги пренесуваме и во вториот видеозапис од проектот на „Нова Македонија“ насловен „Гласот на револуционерите повторно се слуша!“, објавен на нашиот интернет-портал.
Со овој проект ќе објавиме серија видеа посветени на македонските револуционери. Преку нивните мисли и визии сакаме да ги оживееме идеалите за кои се бореле – македонска држава, слобода, македонски јазик, достоинство… за да нѐ потсетуваат на вредностите што и денес се наши водилки.
Тоа ќе бидат серија куси видеоклипови на „оживеани“, колоризирани, оригинални фотографии на нашите дејци, со помош на новите технологии, на кои им претходеше наше долготрајно истражување низ историските архиви, за да обезбедиме што поголем степен на автентичност.
Следете нè, секој понеделник и четврток ќе објавуваме ново видео. Н.М.