Сплотеноста на сиратската врска

Мостот Сират ги поврзува рајот и пеколот, каде што патеката е потесна од влакно, а покоса и поостра од сечилото на мечот.
Во својот ескапизам на секојдневното сивило што го нуди распаднато општество, група рејвери стануваат (анти)јунаци на Сират. Името Оливер Лакс не е непознато за канската публика туку, напротив тој е нејзин голем миленик. Неговиот дебитантски филм „Сите вие сте капетани“ (2010) е исто така снимен во Мароко, а, покрај наградата ФИПРЕСЦИ, тој и со следните филмови „Мимоза“ (2016) и „Ќе има оган“ (2019) повторно жнее значајни успеси. Добитник е и на Големата награда од критиката и од жирито „Ун сертан регард“.
„Сират“ (2025) е негов четврти филм, а со тоа веќе се потврдува квалитетот на Лакс. Станува збор за сјајно осмислена режија што ја нудат мароканските пејзажни валери, а дел е снимен во Шпанија. Главната улога му е доверена на еминентниот шпански актер Серхи Лопез (Луиз), кој со својот син Естебан (Бруно Нунез) е во потрага по загубената ќерка, на која по една технозабава ѝ се губи секоја трага. Тој запознава една група вљубеници во техномузиката и со нив се нурнува во талкачката одисеја низ мексиканските патишта.
Факт што не смееме да го изоставиме е тоа што оваа екипа е сочинета од маргинализирани еквилибристи, кои бестрашно се справуваат со своите предизвици. Од зачмаената лушпа на анонимноста, Лакс ги промовира имињата на Тонин Ханвиер (Тонин) и Ричард Белами (Бигу), маестралните натуршчици. Иако едниот е без нога, а другиот без рака, тие одлично се вклопуваат со преостанатиот дел од екипата и не се разликуваат од професионалните актери, кои зад себе имаат богат актерски багаж. Не помал ѕвезден (от)сјај на трансформациски перформанс со панкерски имиџ и доза на автентичност ќе пронајдеме кај физикусот на Џејд Оукид (Џејд), но и кај андрогениот профилен хабитус на Стефаниа Гаде (Стеф), која достојно се соочува со шоферските брзини.
Во хипнотично сугестивното и аудиовизуелно доживување на „Сират“ пронајдов идентични аналогии со Клузовиот „Надница за страв“ (1953).
Во главната улога се појавува некогашниот бонвиван Ив Монтан, кој кршеше женски срца, вклучувајќи ја и слатката секс-блондинка Мерилин Монро. Но, да не се оддалечувам тематски, имено Монтан во споменатиот филм е исто така во една незавидна положба како еден од главните ликови од „Сират“. Секој лик во себе носи тежински белег на времето, кај едни се манифестира послабо, а кај други со подлабок вакуум. За среќа, Џошуа Хендерсон (Џош) не спаѓа во тој кош како неговите компањони.


Зголемениот динамизам од ритамот на музиката, предводен од францускиот гуру на технотанцот Кандинг Реј, ни ја навестува трагедијата што следува, а филмскиот аудиториум успева да го остави со (под)отворени усти. Би сакал да потенцирам дека оваа хорор-сцена дејствува толку сугестивно небаре се наоѓаме на снимање од документарен секвел. Но мистеријата не завршува тука, туку продолжува ритамот на срцебиењето во пазувите на неизвесноста.
Секоја пофалба за одличниот кастинг од страна на мсје Лакс, но не би биле правични ако не нафрлиме грст аплаузи за најмладиот член од екипата – Бруно Естебан, кој се поистовети со ликот на Естебан, синот на Луиз.
И би рекле, но велам само би рекле, тамам како да се намали ехото на траорот низ непроодните патишта, проследен со обилни дождови, тука би се повикале на народната поговорка „по дождот доаѓа сонцето“. Но дали доаѓа и какво сонце?
Екипата се позиционира на рамна површина во пустинската широчина.
Сакајќи да ја намалат кратерската рана, Џош го подготвува шаманскиот амалгам ајахауска со кој потоа сите заедно отпловуваат во халуциногениот свет на привидните игри; на екипата ѝ се придружува и снеможениот Луиз.
Прецизно кадрираниот крупен план врз лицето на Тонин е заслуга на волшебникот на кaмерата Мауро Херце, кој внимателно ги следи екстатичните движења во ритамскиот моментум, а посебен акцент дава со зумот без ногата. Минуциозната претстава на панкерскиот имиџ на Џејд е уште една успешна перфекција на Ласк, изложувајќи ја нејзината извајана фигура, каде што доминираат долгите нозе.
Тука ќе се повикаме на сликарската алузија на господинот Делакроа, кого прозниот гениј Бодлер од милина го нарекувал така, а кој често сликал песочни мотиви со марокански дини.
И дали опасноста што демне(ше) е надмината за Џејд, која во еуфорично екстатичен танц извикува: „Нека грми музиката“ за во следниот момент таа да загрми во вечноста. Преостанатиот дел од екипата фрапиран немо набљудува и го бара патот кон спасот.
Сепак, нема да го разоткријам крајот од филмот и ќе оставам публиката сама да ѝ се препушти на имагинацијата по одгледувањето на „Сират“.
И така, полека но сигурно, наближивме до крајот на мојот рецензентски осврт.
На скоро завршениот Меѓународен филмски фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, еден од моите главни фаворити за „Златната камера 300“, покрај бразилскиот „Сѐ уште сум тука“ на Салас (пишував во претходниот број), секако беше и ремек-делото „Сират“, кое повеќе од заслужено ја освои третата награда „Бронзена камера 300“.
„Сират“освои една од најзначајните награди на филмскиот фестивал во Кан, а тоа е наградата од жирито за најдобар филм што подотвори и нови хоризонти на перцепција, кои долго време ќе се паметат.
Мене ми останува само уште една дилема, дали звучниците од технозабавите на рејверите, а долго време пред нив од „Пинк Флојд“ (Помпеја), ќе грмат во далечината со ист пламен како англиските виртуози на рок-сцената, кои поставија нови приоритети.

Александар Василевски