Фото: ЕПА

Силно изразена национална свест кај Македонците далеку од матицата (2)

Соработникот и дописник на „Нова Македонија“ од Австралија, Душко Апостолоски, анализира навидум невообичаена состојба – колку подалеку припадниците на македонскиот народ мигрирале од Македонија толку се поизразени внатрешните емоции поврзани со патриотските и националните чувства, вклучувајќи го и нивното јавно изразување (во согласност со овозможената можност од средината за неоспорено негување на сопствениот идентитет и култура).
Во својата обемна анализа, тој јасно ja посочува причината за ваквата појава во историското инсистирање на етничка и јазична хомогеност на Балканот низ годините, првично од Грција, а во одредена мера и од Србија, додека македонскиот народ се соочува со негирање, игнорирање на правото на самоидентификација, јавна дискриминација и административни пречки. Спротивно на тоа, македонската дијаспора во Австралија или Канада национално битисува во општества во кои правото на етничко самоопределување и негувањето на сопствената култура не се оспорува туку, напротив, се поттикнува. Се разбира, факт е дека и во овие општества доаѓа до тивка асимилација, но истражувачот смета дека таа не е толку изразена како на Балканот – преку училиштата или црквата, со што постојат слобода и можности за негување на македонските национални особености. Оттука, припадниците на македонскиот народ во Австралија или во Канада многу послободно и без притисоци и опструкции ја искажуваат својата македонска национална свест во споредба со Македонците од соседните балкански држави

  • И денес ги чувствуваме негативните последици од асимилаторските политики на соседите, бидејќи создадоа навидум невообичаена ситуација – колку подалеку припадниците на македонскиот народ живеат од својата татковина толку поголем внатрешен емотивен порив и израз на национални и патриотски чувства имаат. Македонската дијаспора, особено онаа од Австралија, Канада и во САД, се оформи како заштитник на македонските национални вредности, кои континуирано се маргинализирани во Грција и во Бугарија

Македонската дијаспора, особено онаа во Австралија или во Канада, национално битисува во општества каде што правото на етничко самоопределување и на негување на сопствената култура не се оспорува туку, напротив, се поттикнува. Мора да имаме предвид дека во овие општества постои тивка асимилација, но не и негативна како онаа на Балканот – преку училиштата или црквата. На тој начин постојат слобода и можности за негување на македонските национални особености. Оттука, припадниците на македонскиот народ во Австралија и во Канада многу појасно ја искажуваат својата македонска национална свест во споредба со Македонците од соседните балкански држави.
– Оваа апсурдна состојба се должи на балканските националистички политики и процесите на асимилација, но и на одреден страв кај нашинците во Бугарија или во Грција, како и на недостатокот од институционални можности за јазично или културно организирање. Положбата во Австралија или во Канада е многу различна, Македонците можат слободно да организираат свои друштва, клубови, училишта, цркви, ансамбли итн., нешта преку кои македонската национална самобитност се афирмира јавно и без закани, со што е видлива за секого во општеството – вели м-р Никола Огненовски, чии предци уште во почетокот на 20 век се доселиле во Австралија.
Значајна улога во негувањето и зачувувањето на македонската национална свест одигра културниот и образовниот пренос кај новите македонски поколенија преку црквите и друштвата. Преку нив македонскиот јазик, македонските обичаи и македонскиот фолклор се негуваат односно, со други зборови, се негува македонскиот идентитет и се пројавуваат одреден стремеж и обврска за нивно зачувување за идните македонски генерации.
– Доколку направиме споредба со Бугарија или со Грција, очигледни се разликите. Во овие балкански држави образованието и учебниците се идеолошки обременети и како такви се средства за асимилација, а државните институции забрануваат и секакво формално изучување на македонскиот јазик – посочува Огненовски.
Мора да се потенцира и фактот дека Австралија или Канада се слободни и демократски општества, а слободата на здружување и организирање одамна е гарантирана со заканите и уставот. Првите македонски иселеници се соочија со тивката асимилација од доминантната култура, но тие ја зачуваа македонската национална посебност преку асоцијациите, весниците, црквите или клубовите.
– Дополнително на тоа, Македонците во Австралија или во Канада дојдоа во контакт со други емигрантски заедници, а тоа само по себе доведе до истакнување на самоидентификацијата преку македонскиот јазик или македонската култура – вели Огненовски, кој долго време ја проучува македонската дијаспора во Австралија.

Кога постои слобода, јасно се изразува националната свест

Австралија, како држава и општество, во првата половина на 20 век спроведуваше политичка асимилација на Абориџините, но европските мигранти се соочија со поблаги притисоци, како што се усвојувањето на доминантниот англиски јазик и прифаќањето на австралискиот начин на живот. Политичкото и општественото битисување во Австралија започна да се видоизменува во почетокот на 70-тите години на 20 век, кога започнаа да се промовираат политики што ја толерираат јазичната и културната различност.
Денес, Австралија преку политичкиот и правниот систем гарантира малцински права и слободи, како и правото на негување на сопствениот јазик и култура. Австралија како држава не е насочена кон етничко и јазично единство како предуслов за граѓанство и политичка лојалност, што е во спротивност со балканските држави. Оттука, австралиското општество е насочено кон изградба на институции што ќе го поттикнуваат изучувањето на мајчиниот јазик, а формалноправно се овозможува и организирање на малцинствата. Притоа од нив не се бара да се откажат од сопствениот идентитет како услов за нивна интеграција во Австралија, како што вели Никола Огненовски.
– Македонските друштва и организации или медиуми не само што не се под политички притисок на австралиската држава туку, напротив, тие слободно функционираат и можат да се потпрат на австралиските институции. Нивната комуникација со Македонија како матична држава е слободна и е лишена од пречки, што е особено во спротивност со состојбите во Бугарија или во Грција. Австралиските политики овозможуваат пренос на македонскиот јазик, македонската култура или македонската историја кај второто и третото поколение на Македонци – истакнуваат нашите соговорници.
Денес илјадници Македонци живеат во Сиднеј, Перт и Мелбурн, а на пописите можат слободно да декларираат дека нивен мајчин јазик е македонскиот, нешто што е оневозможено во Бугарија или во Грција. Македонците во Австралија не се соочуваат со забрани и препреки, па, оттука, уште во 1946 година беше формирана Македонско-австралиската народна лига, која имаше околу педесет разграноци и сопствен весник „Македонска искра“.
– Споменатата организација и нејзиниот весник се оформија во симбол на македонската национална свест, а во 70-тите години на 20 век се формираа и десетици други македонски друштва, спортски клубови, медиуми итн., кои продолжија да ги негуваат македонската култура, јазик и историја. Македонските друштва и организации ги пренесуваат македонските национални особености кај новите генерации. Оттука, Илинден се празнува со масовни собири и се искажуваат пораки што имаат македонски патриотски дух и чувство за македонска припадност, што не е поимливо во Бугарија и во Грција, каде што припадниците на македонскиот народ се маргинализирани – посочуваат нашите соговорници.
Македонскиот идентитет и искажувањето на македонската национална свест се условени од македонскиот јазик. Во Австралија македонскиот јазик се промовираше преку весниците, училиштата, ТВ-емисиите, радиото и телевизијата, а денес преку интернетот и социјалните мрежи. Доколку се спореди состојбата со балканските држави, очигледна е разликата. Во Грција јавната употреба на македонскиот јазик се ограничува, а во Бугарија, каде што македонскиот јазик не се признава за посебен, неговата промоција и употреба се ограничени од разни пречки.

Слободата наспроти асимилацијата и негирањето

Во Република Грција и во Република Бугарија, а половично и во Република Србија, општествата инсистираат на етничка и јазична хомогеност. Оттука, припадниците на македонскиот народ се соочуваат со негирање, игнорирање на правото на самоидентификација, јавна дискриминација и административни пречки. Во Република Србија постои правно признавање, но Македонците се соочуваат со доминантната српска култура и српската тезата за демографска ирелевантност. Спротивно од тоа, припадниците на македонскиот народ во Австралија или во Канада имаат свои организации и медиуми, а македонската култура, јазик и историја слободно се изразуваат и афирмираат.
– Во Република Грција новородените деца не можат да добијат македонски имиња, а постоењето на македонските училишта или културни домови е мисловна именка. Денес македонската народна песна може да се слушне во селата каде што живеат Македонците, но сѐ уште постојат јавна грчка стигматизација и егзистенцијална несигурност. Слична е и положбата на Македонците во Бугарија, каде што бугарските институции ја применуваат доктрината за бугаризација, македонскиот национален идентитет го третираат како нешто што измислено од Јосип Броз-Тито или Коминтерната, а бугарските медиуми се заложници на бугарската националистичка парадигма – велат добро упатени лица.
Клучен фактор во зачувувањето и развојот на македонската национална свест во Австралија и во Канада се самоорганизираните друштва и организации што ги афирмираат македонските особености, за разлика од дел од балканските соседни земји, каде што постои државна политика насочена кон бришење на македонскиот идентитет.
– Припадниците на македонскиот народ во Грција или во Бугарија се соочуваат со ограничување во промовирањето на сопствените јазични и културни особености, но и наметната асимилација и отворена негација. Тоа се одразува негативно врз континуитетот на македонската национална самосвест. Во Австралија и во Канада, пак, македонскиот идентитет слободно се пренесува и афирмира низ генерациите – нагласуваат нашите соговорници.
Оттука, припадниците на македонскиот народ во Австралија или во Канада многу послободно и без притисоци и опструкции ја искажуваат својата македонска национална свест во споредба со Македонците од соседните балкански држави. Тоа се должи на историските околности, како што е поделбата на Македонија по Балканските војни, но и на асимилаторските националистички политики и дискриминации на Балканот, и од друга страна на слободата и демократијата во Австралија и во Канада.
– Македонската дијаспора во Австралија е совршен пример за одржливоста на македонската национална свест и афирмација на македонското наследство, што е условено од демократијата и слободата, но и од фактот дека македонскиот идентитет може да се негува и брани само доколку се манифестира слободно, без пречки и ограничувања од државни институции што се задоени од радикални национализми – заклучува м-р Никола Огненовски.

Автор: Душко Апостолoски, наш дописник од Австралија