Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната промоција на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа во Штип, порача дека почнува нова изборна кампања и таа не треба да биде театар на празни ветувања, туку дека мандатот на градоначалниците е договор со граѓаните.
Мицкоски нагласи дека очекувањата секогаш се високи и оти народот очекува подобар живот, сигурност, правдина и перспектива.
– Кампањата не смее да биде театар на празни ветувања, таа треба да биде мост меѓу вистината и надежта, да ја покаже искрената намера, а не да замаглува со излузии. Народот очекува подобар живот, сигурност, правдина и перспективност. Но, во суштина тој очекува нешто уште подлабоко: достоинственост и човечност, да не биде излажан, да не биде третиран, како средство, туку за цел чија благосостојба мора да се работи одговорно и мојот однос во политика бил секогаш искрен и со чест кон работите – потенцираше Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ укажа и кои се обврски ги презема Владата – Борба против корупцијата, грижа за животниот стандард, повисоки плати, достоен пензионерски живот, правда, силна економија, уште поквалитетно образование… Тој потенцираше дека градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои во изминатите четири години ги менаџирале општините имале опструкции од тогашната централна власт.
– Во изминативе 4 години, од кои цели три години беа со жесток отпор и кочница од централната власт, заедно градоначаниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, изградија и реконструира улици, булевари, патишта во вкупна должина од над 770 километри во вкупна вредност од околу 100 милиони евра. Направени се речиси 47 километри нови водоводи, изградени се канализации од должина од речиси од 91 километар. Изградени или во завршна фаза на градење се 7 пазари од затворен тип, 12 пречистителни станици – рече Мицкоски.