ОДБОЈКА – ПОЗНАТ РАСПОРЕДОТ ВО ПРВАТА МАШКА И ЖЕНСКА ЛИГА
- Првенството во новата сезона кај мажите започнува на 25 октомври, а кај жените на 11 октомври
Познати се натпреварувачките броеви на екипите што ќе играат во Првата лига – мажи, која ќе има 12 екипи, Вардар 1947 не се пријави за настап. Во првото коло на 25 октомври, шампионот Струмица 47/72 ќе ја почне одбраната на титулата на домашен терен против Јанта Волеј. Куп-победникот во плејофот, Штип УГД, пак, ќе му гостува на Сушево 1978. Прволигашите во есенскиот дел ќе одиграат 11 меча по еднокружен бод-систем, а потоа првите шест екипи ќе играат плејоф, со пренесени бодови од првиот дел. Се игра двокружно (секој со секого), а првите четири екипи ќе се пласираат во полуфиналето на плејофот и ќе разигруваат за титулата. Екипите што во есенскиот дел ќе се завршат од седмото до 12. место ќе разигруваат во плејаут-фазата.
Двојки прво коло-мажи: Работнички 71/22 – Скопје, ГОК Борец – Лирија, Струмица 47/72 – Јанта Волеј, Универзитет во Тетово – Шкендија, Весна Пробиштип – Македонија Џио, Сушево 1978 – Штип УГД.
Одбојкарките на Јанта Волеј КВ ќе ја почнат одбраната на титулата во Првата лига – жени на 11 октомври на гости во Битола со новиот прволигаш Пелистер Волеј. Бранителот на куп-пехарот, Наковски Волеј, пак, на свој терен ќе игра со „новајлијата“ Газели Волеј. Во есенскиот дел ќе се игра двокружено, а првите осум екипи ќе играат во четврт-финалето во плејофот во два добиени меча, по што ќе се добијат полуфиналистите. Екипата што ќе биде деветта ќе игра бараж за опстанок во елитата со второпласираната во Втората лига. Последнопласираната екипа следната сезона ќе се пресели во Втората лига.
Двојки, прво коло-жени: Пелистер Волеј – Јанта Волеј КВ, Ускана Волеј – Вардар ЕМ, Наковски Волеј – Газели Волеј, Младост УГД – Фит Фан Волеј, Работнички Скопје – Струмица. Г.И.