Во Културно-информативниот центар во Скопје (Салон 19:19) вечерва, во 20 часот, ќе се одржи концерт на импровизирана амбиентална музика на „Амплидајн ефект“.
„Амплидајн ефект“ е проект на продуцентот Мартин Георгиевски од Скопје, кој е активен од 2009 година. Во текот на изминатите години проектот издаде голем број албуми и настапи на реномирани регионални и меѓународни фестивали, меѓу кои: „Похода“ (Словачка), „Десонанз, лајв саундтрак“ (Белград), „Ту би континуед“ (Италија), „ПНЕМ саунд арт фестивал“ (Холандија) и „Скопскиот џез-фестивал“. Исто така, има соработувано со „Пост глобал трио“, „Светлост + Одрон ритуал оркестра“ и многу други уметници.
На овој концерт ќе настапи со импровизиран соло-сет на пијано, клавијатури, гитара и лупови. Белгискиот медиум „Турбиланс видео“ го опиша неговиот последен албум како органска звучна атмосфера, балансирана меѓу психоделичен амбиент и кинематографско искуство инспирирано од бетонската естетика на Скопје. „Слушателот е повикан на нежна имерзија водена од кристални гитарски линии и електронски текстури. Во целина, ’Амплидајн ефект’ успева да ја трансформира неизвесноста во аудиовизуелно ’бавно патувачко’ искуство што го впива слушателот во својот свет“, напиша „Турбиланс видео“.