Сотир Ристо
- Битките само се вжештуваат кога се случуваат битни политички настани како што се изборите или, пак, со конкретни датуми кога се чествуваат историски празници и револуционерни дејци, за кои секој има свое толкување. Тоа го забележуваме и на социјалните мрежи на „Нова Македонија“ додека ги отстрануваме навредливите коментари, обидувајќи се да создадеме мирен простор за читање на нашите новинарски написи. Но тоа понекогаш изгледа како битка со ветерници, додека сите се обидуваат да наметнат своја верзија на вистината
Дали следната војна може да се води за минатото? Звучи апсурдно, но ако се гледа по тоа што се случува на социјалните мрежи, се чини дека не е невозможно. Ненавикнат на долготраен мир, Балканот, кој меѓу другото е познат и како буре барут, се чини дека својата воинственост и агресија ја префрли на социјалните мрежи, каде што барем нема жртви, и покрај изразените пориви за меѓусебно истребување што никако не згаснуваат. Помеѓу потребите да се прикажеме себеси во подобро светло наспроти балканските комплекси, валоризацијата најмногу се бара во минатото, додека споредни се напредокот и развојот преку фолклорот, спортот, националната кујна… Тука битката е и најостра, да се биде или не, да се негира нечие минато, исто како и да се негира нечие постоење.
Во македонскиот интернет-простор како бојно поле, најчесто се вкрстуваат битките на околните соседски земји, иако може да се сретнат и нерасчистените конфликти од поширокиот балкански и бившојугословенски регион. Не може да се отвори ниедна објава, ниту една вест од медиумите, без расправиите за секакви историски спорови разгорени во коментарите под неа. Тие само се вжештуваат кога се случуваат битни политички настани како што се изборите или, пак, со конкретни датуми кога се чествуваат историски празници и револуционерни дејци, за кои секој има свое толкување. Тоа го забележуваме и на социјалните мрежи на „Нова Македонија“ додека ги отстрануваме навредливите коментари, обидувајќи се да создадеме мирен простор за читање на нашите новинарски написи. Но тоа понекогаш изгледа како битка со ветерници, додека сите се обидуваат да наметнат своја верзија на вистината.
- Помеѓу потребите да се прикажеме себеси во подобро светло наспроти балканските комплекси, валоризацијата најмногу се бара во минатото, додека споредни се напредокот и развојот преку фолклорот, спортот, националната кујна… Тука битката е и најостра, да се биде или не, да се негира нечие минато, исто како и да се негира нечие постоење
Бугарите сметаат дека имаат ексклузивно право врз словенското минато, а Грците на антиката, присвојувајќи сѐ што е македонско, за што постојано укажуваме и во нашите текстови. Србите продолжуваат да се „борат“ со Албанците за Косово, кои, пак, главно се расправаат со Србите и Грците, а понекогаш и со Македонците, додека Грците најмногу спорат со Албанците и со Македонците. На тој начин, во битката за минатото се загрозуваат и сегашноста и иднината на сите народи на ова подрачје, кои ја занемаруваат општата потреба да живеат во мир едни покрај други.
Да се разбереме, познавањето на минатото го сметам за идентитетски битно како знаење што влијае формативно, не само на колективот туку и во градењето на субјектот. Сметам дека знаењето што го поседува за себеси, го прави човекот тоа што е. А оттука мислам дека минатото има значителна улога и врз индивидуата. Затоа, во одредена смисла ја разбирам и таквата потреба на докажување и преку минатото, само што станува збор за хаотична лаичка збрка и невитешка битка во која се прибегнува кон навредување.
Таа е полна со агресија, па иако се случува под плаштот на „потрага за вистината“, се прават обиди да се замолкне спротивната страна во борбата за супериорност. Всушност, не станува збор толку за вистина колку за да се наметне сопствена верзија на самопотврдување како колектив. И покрај тоа што тврдењата спротивни на вистината носат раздор, а не потврда.
Битките на социјалните мрежи изгледа се и индикатор за немирот што владее кај балканските народи и за тоа дека Балканот сѐ уште е трусно подрачје на кое се можни и понатаму силни тектонски движења. Во обидите преку минато да се прикаже цивилизираноста на одредена нација, на површина всушност испливуваат варварски траги.