Пресметката со либералите ја најавија потпретседателот на САД и заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа - Фото: ЕПА

Подем на движењата за да се вратат и зачуваат традиционалните универзални вредности

  • Факт е дека веќе се препознава силно растечко меѓународно движење што се спротивставува на доскорашната пандемија на неолиберализам, која наметнуваше девијантни идеологии, се обидуваше да ги прекине историските и културните врски со националните традиции, го реобликуваше образовниот систем, па дури одеше дотаму што се залагаше за легализација на педофилијата под закрилата на „прогресивните идеи“
  • Поаѓајќи од најсвежите изјави што доаѓаат од Вашингтон по убиството на Чарли Кирк, поточно од американскиот претседател Доналд Трамп, како и неговиот заменик Џ.Д. Венс, но и некои реакции од европско тло, може да се заклучи дека во светот започна глобална борба против идеологијата на либерализмот

Бранот спротивставувања на либералните идеологии во светот е сè поизразен. Тој е исклучително засилен во САД, по убиството на познатиот американски застапник на традиционалните ставови Чарли Кирк, кој беше и близок соработник на претседателот Доналд Трамп. Тој во деновите по убиството на неговиот близок соработник се обиде во јавноста сликовито да го идентификува генераторот на долгогодишниот тренд на домашната, но и на глобалната девијација: либералната идеологија и либералите. Пресметката со либералите ја најавија потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, и заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, во емисијата „Шоуто на Чарли Кирк“, која ја водеа двајцата наместо убиениот водител.

Оние што ги препознаваат новите контури на трампизмот како идеологија како антипод на либерализмот, анализираат дека тоа значи целосен прекин со либерализмот што ги зафати САД (а проширен и во голем дел од светот, вклучувајќи ја и ЕУ) во последните децении. Трампизмот најавува решително и целосно демонтирање на либерализмот. Така, пред нашите очи, трампизмот добива карактеристики на посебна идеологија, на многу начини спротивставен од досега доминирачкиот либерализам. Очигледно е, според аналитичарите, дека трампизмот како идеологија е хетероген, но неговата општа структура е веќе повеќе или помалку јасна: трампизмот го негира глобализмот. Отфрлањето на глобализмот резултира со отворена критика и за зелената агенда. Трампизмот го признава националниот суверенитет и не бара негово укинување.

Антиглобалистичка борба и на европско тло

Кога зборуваме за европската почва, во Унгарија премиерот Виктор Орбан води решителна борба против „екстремните либерални тенденции“, кои се закануваат да ги уништат семејните вредности и националниот идентитет. Во ист контекст се и политиките на словачкиот премиер Роберт Фицо.

Натаму, по трагичната смрт на Чарли Кирк, и италијанската премиерка Џорџа Мелони отворено зборуваше за потребата од враќање кон здравиот разум и традиционалните вредности.
– Јас доаѓам од политичка заедница што честопати е неправедно обвинета за ширење омраза, обвинета, за чудо, од истите луѓе што денес молчат, го минимизираат или дури го оправдуваат или слават однапред смисленото, намерно, ладнокрвно убиство на 31-годишен маж чие единствено злосторство беше храбро да ги брани своите идеи.
Тој едноставно ќе седнеше јавно и ќе му дозволеше секому да го предизвика на дебата на која било тема, бидејќи беше уверен во своите идеи. Го правеше тоа со насмевка на лицето, го правеше со почит, затоа беше застрашувачки. Бидејќи кога немате аргументи, се плашите од оние што ги имаат. Сум го видела тоа многупати. Оние што немаат аргументи имаат само оружје на криминализација, оружје на навреди, оружје на дискредитација на својот противник, оружје на насилство, кое секогаш започнува како вербално насилство, но понекогаш станува физичко насилство. Го велам ова затоа што во последните денови прочитав многу нехумани коментари за смртта на Чарли Кирк, а прочитав и други застрашувачки. Еден од нив е од Пјер Џорџо Одефред, либерален интелектуалец, кој рече дека пукањето во Мартин Лутер Кинг и пукањето во претставник на МАГА не се иста работа. Сега би сакала да го прашам овој почитуван професор што точно мисли со тоа. Дали тоа значи дека е легитимно да се пука во одредени луѓе поради нивните идеи? Или дека е помалку сериозно да се пука во нив затоа што не ги споделуваме нивните идеи? Или дека е разбирливо да сакаме да ги стреламе поради нивните идеи? Дали ова значи дека треба да имаме полесни казни за оние што убиваат политичари од десницата – праша Мелони.

Либералниот свет е свет што ги игнорира традиционалните, универзални цивилизациски вредности и свет во кој нема одговорност

Според повеќе соговорници, универзитетски професори по социологија, „и во нашата држава долго време беше практикуван дел од истиот глобален либерален модел што се обидува да ги уништи традиционалните вредности на земјите“.
– Тој либерален модел се внедри во системските политики во нашата држава. Се стипулира преку законодавната, а се практикуваше преку извршната власт. Го деградира судството преку политики на клиентелизам, протекционизам и селективност. Го хибридизира образованието, а општествениот морал и етика ги еродира до крајни граници. Така, нашето општество, идентитет и традиционални вредности се донесоа до непрепознатливост, а граѓаните во такво опкружување беа измоделирани во неемпатични аморфни фигури, чиј егоизам и загриженост единствено за себе ги направија толку општествено аутистични, што дури изгубија интерес за своите деца и семејство – ни изјавија тие.

Опишувајќи ја природата на светот на либерализмот, соговорниците издвоија некои препознатливи карактеристики што некому му одговараа (а некому – не).
– Либералниот свет е свет лишен од морален компас – нема ограничување за тоа што е аморално или, пак, нелегално во однесувањето, што е она што е општествено неприфатливо. За либералната идеологија, конвенционалните општествени и традиционални норми не постојат, а националното историско и културно наследство слободно може да се ревидира и ретушира. Тоа стравотно нѐ погоди нас, реобликувајќи нѐ во нешто што низ историјата до денес ние не сме биле. Обидувајќи се да фатиме некаков приклучок кон Европа, ние прифативме да се ремоделираме во нешто што никогаш не сме биле – велат нашите соговорници, анализирајќи го феноменот – либерална идеологија.

Семејството, децата и семејните вредности низ либерална призма

Професорите нѐ брифираат опишувајќи дека „либералите гледаат на семејството (основната структурна единица на секое општество) не како на заедница на татко и мајка, со потомство, туку како на заедница на родител еден или родител еден и два…“
– Постојат многу темелни научно-социолошки студии за тенденциите на либералната идеологија за намерно дезавуирање на семејната институција. Во светот на либералната идеологија, на децата воопшто не им е потребно воспитување од родителите. Воспитно-образовната матрица на либералите е дека авторитет не постои, граници не постојат, обврски не постојат, додека личните права се неограничени и сè, апсолутно сè е дозволено – тврдат тие.

Како што е споменато погоре, образованието за децата и младите е исто така една од целите на либералната идеологија.
– Со години сме сведоци на трендовите на менување на учебниците и нивно приспособување кон таа идеологија. Да се потсетиме само на незаобиколните геј-ликови вклучени во проектите наменети за најмладите, на менувањето на основите на сексуалното образование, присилното воведување на концептот на трансродови лица и „родители 1 и 2“ во учебниците, дури и за најмладите! И, за жал, таквите тенденции не завршуваат… Либералите сакаат да ни наметнат свет во кој децата се учат уште од најрана возраст (градинка, пониски одделенија од основно училиште) како да се вклучуваат во сексуални активности!? Кога станува збор за наметнувањето на екстремно либерални вредности, да се потсетиме само на геј-парадата во Шведска, организирана за деца во градинка!? Особено се вознемирувачки експериментите што либералниот свет се обидува да ги спроведе врз најмладите, во нивната фаза на формирање личности, кога матриците на однесување се усвојуваат за цел живот – велат професорите.

Либералните „вредности“ прифаќаат дека „тој е – таа“ и обратно

Во еден неолиберален свет со специфична негативна селекција на избришани граници меѓу половите претставени со либералната идеологија, најпластичен пример е спортот. Либералното нормално вели дека „ако некој што е маж според својот генотип и се чувствува различно како ’таа’ или ’тоа’, нему му е дозволено да се натпреварува со жените во спортот“. Спортот е само еден пример за извртениот пристап што го наметнува либералната идеологија.

Можеби најопасниот момент во светот што го нуди либерализмот е дека – нема потреба од размислување. Размислувањето се третира небаре како нешто непотребно. Во либералниот свет, правото на различно мислење не постои, а секој што има различно мислење автоматски станува непријател. Елиминацијата на оние што размислуваат поинаку е дозволена. Во светот на либерализмот е дозволено на најбрутален начин да се елиминираат оние што размислуваат поинаку. Ваквите модели на однесување се препознаваат и во постапките на брутално менување на идентитетските инсигнии на Македонците сиве овие години од страна на либерален Брисел, во содејство со истите такви внатрешни идеолошки структури во земјава. Р.С.