Владата ќе одвои 700.000 евра за реконструкција на кумановска „Соколана“, информираше денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој заедно со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, министри, пратеници го посети најстариот спортски комплекс во градот. Објектот ќе го задржи автентичниот изглед.
– Сакам да изразам задоволство што сум еве денеска заедно со градоначалникот овде во Куманово, да честитам за сето она коешто го прави изминатиов период, но исто така заеднички да сработиме уште повеќе во периодот којшто следи. Еден од тие објекти е и овој за којшто веќе градоначалникот зборуваше – изјави Мицкоски.
Тој се заблагодари на Советот, администрацијата за успешната работа и кажа дека е убеден во идна успешна соработка.
– За неговата работа како градоначалник можев да се уверам и од оние сведочења коишто ги пренесоа сопствениците или стопанствениците коишто претходно ги посетивме во двата стопански објекта, коишто претходеа на посетата на овој објект таканаречен „Соколана“ – изјави Мицкоски.
Премиерот се надева дека како Влада и Општина ќе направат успешни проекти за Куманово, укажувајќи на поддршката што ја имаат од пратениците кои доаѓаат од градот.
– И јас навистина можам да кажам дека таквата борба инспирира, ние како Влада ќе направиме сè што е во наша моќ да ги поддржиме овие иницијативи за да можат кумановци да добијат што е можно повеќе проекти, проекти коишто ќе значат подобар живот и поквалитетен живот овде во Куманово. Така што еве градоначалникот конкретно за овој објект објасни, околу 700 илјади евра ќе чини реконструкцијата на објектот и враќање во првобитната положба. Проектот е изработен, останува уште ние како Влада да ги обезбедиме средствата, во што сум сигурен, средствата ќе бидат обезбедени и ќе почне реконструкцијата на овој објект – рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања кога би се очекувало да бидат префрлени средствата, претседателот на Владата, кажа дека може да се очекуваат по распределбата во декември, годинава.
– Гледавме сега, која институција би била одговорна. Тоа би било Министерството за спорт, бидејќи сега сме во процес на избори и имаме законски ограничувања, ова би било одредена вонредна процедура, не е содржана во претходниот пан на Министерството, но веднаш по завршување на локалните избори, тоа би било некаде втора половина на ноември. Со прераспределбата којашто ќе следи во декември, средствата ќе бидат распределени – изјави Мицкоски.
Градоначалникот Димитриевски се заблагодари на интересот на премиерот и министрите за посетат на Куманово и не само на Соколана, туку и на два стопански субјекти од кои едниот-германскиот „Лидл“ во зоната Речица и вториот приватната лабораторија во градот „БДА“ и на значајниот објект за кумановци – „Соколана“.
– Значајно за сите кумановчани, Соколана да го видиме комплексот до каде напредуваат градежните работи и воедно да искористам оваа прилика како градоначалник да побарам помош од Владата во делот на финансирање и завршување на овој проект којшто општината досега не само во овој, дополнително и во самиот спортски комплекс и реконструираниот парк има вложено некаде половина милион евра. Побаравме и наидовме на разбирање од Владата да се обезбедат 700.000 евра за завршување и повторно ставање во функција бидејќи тоа е нашата кумановска гордост – рече Димитриевски.
Градоначалникот најави дека ќе се задржи автентичниот изглед, во соработка со конзерваторскиот центар. Димитриевски се заблагодари на кумановци кои оставиле белег во Соколана и денеска имаа средба со премиерот, како и на кумановецот Марјан Стошевски, кој е еден од иницијаторите за книгата „Соколана“.
– Денеска во ваква фаза да бидеме, една политичка гарнитура којашто не само ќе говори во континуитет како претходните за Соколана и нејзината реконструкција и реставрација, туку и на дело да го видиме дека овој објект веќе се работи. Јас верувам веќе до крајот на следната година ќе биде во целост завршен и ќе го добие повторно својот сјај – рече Димитриевски.
Одговарајќи на новинарски прашања, кумановскиот градоначалник објасни дека локалната власт го добила на владение во 2022 година, а претходно со „Соколана“ стопанисуваат приватни субјекти.
– Беше загрозен, бидејќи статиката беше комплетно нарушена, постоеше можност целосно да се сруши. Почнавме скромно со буџетски средства од 2023 и 2024. Во самиот објект, општината вложуваше неполни 300 илјади евра. Најбитно е решена статиката, кровниот покривач, е комплетно сочуван, онаа што е идентично значи ќе биде сочувано, а онаа што не е сочувано ќе се обидеме во соработка со конзерваторскиот центар тоа го доработиме согласно старите документации коишто ги имаме за овој објект, а ги имаме во изобилство – рече Димитриевски.
Тој се надева дека објектот целосно ќе е идентичен како што бил во минатото, а изработен со поквалитетни материјали.
Спортскиот објект датира од доцните 20-ти години на минатиот век и период на Кралство Југославија, со зачетоците на соколското движење, не само на просторите на Куманово, туку и на тогашна Европа. На ова место се играле најдобрите кошаркарски турнири во поранешна Југославија, а тренирале и врвни гимнастичари. „Соколана“ има непроценливо значење за кумановци.