Македонскиот Kултурно-информативен центар во Истанбул вечерва ќе биде домаќин на двоен културен настан, кој ќе ги обедини музиката и ликовната уметност.
Програмата ќе започне во 19 часот со концерт на Александра Кировска (гитара) и Мила Николовска-Ѓумар (сопран). Публиката ќе има можност да ужива во спојот од класични дела и современи композиции.

Во 20 часот, веднаш по концертот, ќе биде отворена изложбата „Рециклирани пејзажни симболи“ на младиот македонски уметник Давид Атанасоски. Проектот претставува резултат на неговите инвентивни скулпторски и сликарски истражувања, во кои обичниот картон, како основен материјал, се преобразува во минималистички и апстрактни геометриски форми. Со своето творештво Атанасоски отвора прашања за односот меѓу уметноста и општествените процеси, интегрирајќи ги и темите за одговорното управување со ресурсите и еколошките тенденции.

Настанот е дел од активностите и годишната програма на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, чија цел е промовирање на македонската култура и современо творештво пред пошироката турска публика.