Виртуелниот лик на АИ-министерката Диела

Албанија го назначи првиот министер на погон од вештачка интелигенција

Албанија стана првата земја во светот што има виртуелен министер на погон од вештачка интелигенција. Нејзиното име е Диела, што на албански значи сончева светлина, и таа ќе биде одговорна за сите јавни набавки, изјави премиерот Еди Рама во четвртокот, а пренесе „Политико“. Рама ја претстави Диела на собранието на Социјалистичката партија во Тирана во четвртокот, на кое објави кои министри ќе бидат сменети, а кои ќе останат уште еден мандат.
– Диела е првиот член што не е физички присутен, туку виртуелно создаден од вештачка интелигенција – им рече тој на членовите на партијата.

Рама изјави дека одлуките за тендерите ќе бидат донесени од министерствата и ќе бидат ставени во „рацете“ на Диела, која е „слуга на јавните набавки“. Тој рече дека процесот ќе биде изведен чекор по чекор, но дека Албанија ќе биде земја каде што јавните тендери се „100 проценти некорумпирани и каде што секој јавен фонд што поминува низ тендерската постапка е 100 проценти читлив“.
– Ова не е научна фантастика, туку должност на Диела – нагласи Рама.

Министерката Диела веќе им е претставена на албанските граѓани бидејќи таа ја води платформата е-Албанија на земјата, која им овозможува на граѓаните дигитално да пристапат до речиси сите владини услуги. Таа дури има и аватар, појавувајќи се како млада жена облечена во традиционална албанска облека.

Диела ќе ги оценува тендерите и ќе има право да „вработува таленти тука од целиот свет“, а наедно ќе го разбие „стравот од предрасуди и ригидност на администрацијата“. Албанија долго време има проблеми со корупција, особено во јавната администрација и во областа на јавните набавки. Прашањето постојано го истакнува Европската Унија во своите годишни извештаи за владеењето на правото. Р.С.