Во градот Слатина, Република Хрватска, е отворен првиот фестивал на македонскиот филм, во рамките на одбележувањето на Денот на македонската независност, 8 Септември. Настанот, чија цел се промоција на македонската кинематографија и јакнење на културните врски меѓу Македонија и Хрватска, се одржува во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Кинотеката на Македонија и Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи со поддршка од македонското министерство за култура и туризам.
Фестивалот, кој беше отворен и во Загреб ден претходно, е всушност осмислен како патувачки настан, кој поврзува 13 хрватски града, со проекции на некои од најзначајните остварувања во македонската кинематографија.
На репертоарот во Слатина се документарниот „Филмскиот опус на браќата Манаки“, првата македонска комедија „Мирно лето“ (1961) во режија на Димитрие Османли, „Тетовирање“ (1991) на Столе Попов и „Прашина“ (2001) на Милчо Манчевски.
– Оваа иницијатива ја позиционира Македонија на широката филмска карта и ѝ отвора пат на новата културна размена меѓу двете држави. Се надеваме дека оваа соработка ќе стане традиција – изјави Бошко Грујоски, директор на Кинотеката на Македонија
Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, ја истакна важноста на фестивалот во поврзувањето на двете земји и изрази надеж дека следната година настанот повторно ќе собере многубројна публика и ќе прикаже нови филмски остварувања.
До крајот на септември, патувачкиот фестивал на македонскиот филм „Македонски филмски класици“ ќе ги посети и Иванец, Велика Горица, Карловац, Лабин, Риека, Сисак, Нови Мароф, Иваниќ-Град, Вараждин, Копривница и Свети Иван Зелина, а освен гореспоменатите „Филмскиот опус на браќата Манаки“, „Мирно лето“, „Тетовирање“ и „Прашина“, ќе бидат прикажани и долгометражниот игран филм „Републиката во пламен“ на Љубиша Георгиевски и кратките играни филмови „Ливада“, „Бунт на куклите“, „Сонце зад решетки“ и „Подарокот на веселиот молер“.