Дождот што заврна утрово во Скопје нема да помогне многу за гаснење на пожарите на депонијата Дрисла и на Вардариште, што траат веќе неколу дена, оценува директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Тој вели дека во претходните денови биле фрлени тони и тони вода, но чадењето продолжува. Бидејќи гаснењето со вода не давало резултати, се пристапило кон затрупување на најкритичниот дел од депонијата.
Ангелов за денеска напладне најави прес-конференција на која детално ќе информира за сите активности кои се преземаат на депониите Дрисла и Вардариште.
Во централниот дел на депонијата Дрисла се уште гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се чувствува во делови од Скопје.
Во меѓувреме продолжуваат активностите за затрупување на Дрисла кои треба да да бидат интензивирани во текот на денов. За денеска се планирани повеќе дополнителни активности и на дивата депонија Вардариште.
Ангелов вчера изјави дека постојат индиции оти се работи за намерно подметнат пожар бидејќи во текот на летото, кога имало високи температури не дошло до самозапалување на депонијата.