КОШАРКА – ПРВ КРУГ ОД ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2029
Искрено се надевам дека сите ќе бидеме здрави, без повреди во ноември и овие квалификации ќе ги започнеме со позитивен резултат, вели репрезентативниот бек Магдевски
Репрезентациите на Луксембург, Ирска и на Азербејџан се ривалите на машката кошаркарска репрезентација во групата А во првата фаза од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година, што е релативно лесна група за црвено-жолтите. Тоа е епилогот по вчерашната ждрепка за првата фаза, а за пласман на ЕП ќе треба да се минат три квалификациски филтри.
Во групата Б се Бугарија, Ерменија, Норвешка, а во групата Ц, Словачка, Албанија, Косово. Претквалификациите ќе се играат во три ФИБА-прозорци, од 24 ноември до 2 декември годинава, од 23 февруари до 3 март и од 29 јуни до 7 јули идната година.
– Не нѐ чека лесен пат, затоа што Ирска, Азербејџан и Луксембург, кои ни се ривали, заслужуваат почит. Во последните години вложуваат и напредуваат во кошарката. Искрено се надевам дека сите ќе бидеме здрави, без повреди во ноември и овие претквалификации ќе ги започнеме со позитивен резултат – вели репрезентативниот бек Андреј Магдевски.
Пласман во втората фаза од претквалификациите обезбедуваат првопласираните репрезентации од секоја група и најдобрата второпласирана селекција. Првиот натпревар Македонија го игра на 27 ноември дома со Азербејџан, а на 30 ноември гостува во Ирска. Г.И.