Вие ни јавувате:
По иницијатива на клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, во соработка со локалната библиотека „Гоце Делчев“ и литературната асоцијација „Кочо Рацин“ од Мелбурн, Австралија, се спроведе активност за обезбедување детска литература од македонски автори, за потребите на наставниците што работат со дечињата што го изучуваат македонскиот јазик во саботното училиште во Килор Деонс во Мелбурн. Во акцијата насловена „Книгата патува – прекуокеанската далечина не е пречка за другарство без граници“ ни се приклучија деца со родители и ученици од различни возрасти, кои ги пакуваа книгите донирани од велешкиот клуб и библиотеката за другарчиња од Мелбурн.
Македонскиот мајчин јазик е најубавиот јазик каде и да сме, затоа треба да се сака и изучува уште од најмала возраст. Искрено се надеваме дека едукативната детска литература ќе придонесе за полесно изучување на македонскиот јазик и ќе донесе нови познанства и другарства меѓу децата од Велес и децата на нашите иселеници во Мелбурн. Книгата, најдрагоцениот извор на знаење, нека ги отвори патиштата до македонските срца на сите континенти на земјинава шир, а оваа акција нека биде патоказ за идни патешествија и благородни и хумани акции.
Соња Гаврилова, членка на клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес