фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го одбележа 7 Септември – Меѓународниот ден на полициската соработка, заедно со раководството на МВР и полицијата. Овој ден, воспоставен со Резолуција на ОН во 2022 година, ја нагласува важноста на глобалната соработка во борбата против транснационалниот криминал.

Како што соопштуваат од МВР, Тошковски истакнал дека современите закани, од организиран криминал и тероризам, преку кибер-криминал, до нелегална трговија со луѓе и дрога не познаваат граници и не можат да се надминат со изолирани напори и затоа е неопходно да се делува координирано, да градиме стабилни партнерства и да развиваме механизми што ќе овозможат навремен и ефикасен одговор.

– Македонија е посветена на оваа заедничка цел. Нашата полиција работи рамо до рамо со партнерските служби во регионот, Европа и пошироко, придонесува со размена на информации, учество во заеднички акции и заеднички анализи. Со тоа ја зајакнуваме сопствената безбедност, но и ја афирмираме улогата на државата како сигурен и кредибилен партнер на меѓународната сцена – потенцираше министерот Тошковски.

Нагласи дека меѓународен ден на полициската соработка останува да биде потсетник дека сигурноста на граѓаните зависи од нашата подготвеност да соработуваме, да споделуваме и да дејствуваме заедно.