Фото: ЕПА

Пјастри ја зголеми предноста во генералниот пласман на врвот и сега има 34 бода повеќе од Норис

Возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, триумфираше на трката за Големата награда на Холандија, додека неговиот тимски колега Ландо Норис се повлече поради технички проблеми на болидот. Пјастри по деветти пат беше најбрз во својата кариера, а седми во годинашнава сезона. Австралиецот ја зголеми предноста во генералниот пласман на врвот и на девет трки до крајот има 34 бода повеќе од Норис.
Втор низ целта мина домашниот возач Макс Ферстапен од Ред бул, а Французинот Исак Хаџар од тимот на Рејсинг булс за првпат се искачи на подиумот во неговата Ф1-кариера, завршувајќи трет. Четврти заврши возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, Александар Албон од тимот на Вилијамс беше петти, а возачот на Хас, Оливер Берман, шести. Бодови освоија уште и возачите на Астон Мартин, Ленс Строл и Фернандо Алонсо, Јуки Цунода од Ред бул и Естебан Окон од Хас.
Разочараа возачите на Ферари, Луис Хамилтон и Шарл Леклер. Британецот Хамилтон, седумкратниот шампион, ја заврши трката по само 23 круга, откако удри во заштитната ограда, каде што подоцна на истото место мина и Леклер, по контактот со болидот на Кими Антонели. Шампионатот продолжува идната недела, кога ќе се вози во Монца за Големата награда на Италија. Г.И.