Американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, денеска ќе се сретнат во Алјаска, најголемата и најоддалечена американска федерална држава, за да разговараат за прекин на војната во Украина.
Средбата е закажана во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон, на околу 10 километри од Енкориџ, за која Си-eн-eн наведува дека е единствената во Алјаска што ги исполнува безбедносните барања.
Почетокот на самитот, кој многумина го сметаат за историски, е најавен за 11:30 часот по локално време, односно 21:30 часот по централноевропско време, а како што најави помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, тој ќе биде целосно координиран и ќе започне со тет-а-тет разговор, по што ќе следи проширен состанок со учество на делегации.
-Преговорите ќе продолжат за време на работниот појадок. Централна тема е украинската криза, но и економската соработка меѓу Москва и Вашингтон – рече Ушаков, додавајќи дека времетраењето на состанокот не е однапред ограничено и ќе зависи од текот на разговорите.
Тој, исто така, додаде дека секоја делегација ќе има пет члена.
Членови на руската делегација ќе бидат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белошов, министерот за финансии Антон Силуанов, директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев, како и Ушаков, објавија руските медиуми, додавајќи дека по состанокот е планирана заедничка прес-конференција, доколку разговорите го дозволат тоа.
Од друга страна, Белата куќа објави дека Трамп има намера да се фокусира исклучиво на прекинот на војната во Украина, оставајќи ги настрана другите прашања, за кои Москва рече дека би можеле да се дискутираат во друго време.
Трамп, пред два дена, по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери, вети „многу тешки последици“ за Путин и Русија доколку не се согласи за прекин на војната.