Фото: ЕПА

Очите на целиот свет денес се вперени во американското гратче Енкориџ во Алјаска, а човештвото е во очекување на позитивни миротворни историски геополитички резултати, од самитот меѓу Трамп и Путин

Денес се одржува историска средба во Енкориџ меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателот на Русија, Владимир Путин

Денешниот историски самит меѓу Трамп и Путин ќе се одржи во воената база Елмендорф-Ричардсон во Енкориџ, Алјаска, САД. Самитот ќе почне во 11.30 часот по локално време, односно во 21.30 часот по средноевропско време. Американскиот и рускиот лидер најпрво ќе имаат средба еден на еден (во присуство на преведувачи), а потоа, по протокол, ќе им се придружат нивните најблиски соработници.
– Голема е веројатноста на самитот руската страна да излезе со подготвена руска преговарачка тактика за разговорите со Трамп, во смисла дека постои подготвеност на Москва за „размена на одредени територии“, што Трамп често го споменуваше овие денови – констатира аналитичарот Зоран Метер во „Геополитика“.
Тој додава дека веќе им е јасно на сите делка она што Русите воено го враќаат во посед, повеќе немаат намера да го вратат.
– Освен во случаите на воена окупација на делови од украинските територии во пограничните региони, како што е Суми или на север од Харковскиот Регион, за што сум сигурен дека Русите би можеле да направат отстапки и да се повлечат, што ќе биде всушност и предмет на натамошните договори за „размена на одредени територии“ – вели аналитичарот Зоран Метер.

Што изјави официјален Кремљ во пресрет на денешниот самит меѓу Трамп и Путин?

Алексеј Фадеев, заменик-директор на Одделот за информации и медиуми на руското министерство за надворешни работи во името на Кремљ, во пресрет на самитот меѓу Путин и Трамп, јавно ја искажа руската позиција за решавање на украинскиот конфликт.
– Што се однесува до принципиелната позиција за решавање на кризата, да, апсолутно сте во право дека позицијата на Русија е непроменета, а тоа беше изразено во оваа сала пред нешто повеќе од една година, на 14 јуни 2024 година – рече дипломатот.
Тој потсети на обраќањето на Путин пред руските дипломати во зградата на МНР, кога првпат јавно ги објави условите на Русија за завршување на војната, кои, како што рече, нема да се променат, а ако Украина не ги прифати, само ќе се влошат со оглед на развојот на ситуацијата на бојното поле.
За издвојување е и дека претседателот на САД излезе во јавноста со една симпатична изјава, со која сепак не ги оттурнува целосно Европејците ниту пак Зеленски од маргините на самитот и, некако, колку-толку ги уважува. Имено, Трамп рече дека „по средбата со Путин, во авионот назад од Алјаска ќе разговара (по телефон) и со Зеленски. Тој исто така рече дека ќе ги информира европските лидери по состанокот“. Крајната цел, како што им објасни Трамп на новинарите, е да се организира лична средба меѓу Путин и Зеленски во погодно време или да се одржи трилатерален формат со лично учество на американскиот претседател, доколку е потребно.

И Лавров и Рубио ќе присуствуваат и активно ќе учествуваат на самитот

Дека предизвикот на самитот е многу сериозен и дека навистина сите засегнати страни очекуваат конкретни (позитивни) резултати, а не нов застој или колапс, сведочи веста дека и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе присуствува на преговорите во Алјаска. Овој дипломатски тешкаш без преседан на глобално ниво веројатно ќе ги вкрсти своите преговарачки вештини со првиот дипломат на Трамп, Марко Рубио.
Очите на целиот свет денес се вперени во американското гратче Енкориџ во Алјаска, а човештвото е во очекување на историски геополитички резултати од самитот меѓу Трамп и Путин. Кога големите се борат, малите само гледаат во исчекување. Кога борбата на титаните оддалеку се гледа дека е рамноправна, големците бараат вин-вин решенија, за да се прикажат обајцата како победници, да се разделат со големо меѓусебно почитување, кое нужно следува, и во остатокот од светот, како и во своите држави, да останат во паметење како големи лидери и се разбира –миротворци. Р.С.


На украинскиот фронт решителна офанзива на руската армија пред самитот меѓу Путин и Трамп

Според многу медиумски пишувања, кои користат и западни и руски воени извори, моралот на украинската армија е веќе под знак прашалник, особено деновиве, во пресрет на средбата меѓу Трамп и Путин, кога веќе сѐ поотворено се зборува за „украинско предавање на територијата во Донбас“. Според „Фајненшл тајмс“, руските воени аналитичари и коментатори, вклучувајќи го и руското министерство за одбрана, не брзаат да извлекуваат заклучоци дека „работата е завршена“, дека Украинците се на работ на пораз итн. Напротив, руските извори истакнуваат за британскиот медиум дека „украинскиот отпор сè уште е силен, и покрај добро познатите проблеми со кои се соочува Киев во однос на пополнувањето на своите редови“, при што руски официјални извори укажуваат на „продолжување на големите битки во наредните недели, а можеби и месеци“, пишува британски „Фајненшл тајмс“

Во пресрет на денешната средба меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин во Алјаска, Русија офанзивно ја проби украинската фронтовска линија во пошироката област (на север) на стратешки важен транспортен центар – градот Покровск. Руските сили не ги продолжија своите обиди да го опколат градот од запад и целосно да го отсечат од регионот Днепропетровск (клучната логистичка точка за снабдување). Напротив, руските сили започнаа неочекувана операција за пробивање северно од тој град во насока на градот Краматорск, клучен град за целиот регион Донбас, кој сè уште е под контрола на украинските сили. Некои украински медиуми тврдат дека „Русија концентрирала 100.000 војници во зоната Покровск“, со што се потврдува моменталната голема бројна супериорност на руската војска во човечка сила и опрема.

Имено, според расположливите информации од теренот, пробивот низ украинската фронтовска линија го направи руската 51. гардиска комбинирана армија. Нејзината задача е, по гореспоменатиот пробив во правец Добропилја, да ги освои населбите Петровка и Александровка, кои претставуваат раскрсници на патишта што водат кон Добропилја и Краматорск. Доколку успеат во тоа, украинската логистика за своите сили на фронтот ќе биде исклучително искомпликувана и ќе се сведе на минимум (да се одвива преку несигурни локални селски патишта). Со овој успех, руските сили се на дофат на преостанатите клучни правци за снабдување на гореспоменатата голема агломерација со беспилотни летала и всушност нема да има значителна потреба од понатамошни копнени операции од големи размери. Воените аналитичари издвојуваат дека најдобрите украински војници се концентрирани во реонот на Покровск, заради негова одбрана, бидејќи тоа е еден од најважните центри на украинските вооружени сили во Донбас и на целата украинска оперативно-стратешка група на војници „Хортиција“. Се наоѓа 66 километри северозападно од милионскиот град Донецк, кој е под контрола на руските сили од војната што се водеше во 2015/2016 година помеѓу украинската армија и проруските сили. Оние послаби украински сили, и во однос на борбената готовност и веројатно моралот, се наоѓаат надвор од самиот Покровск, во неговата поширока оперативна зона. Намерата на руската воена команда е сосема јасна: да ја опколи од запад и целосно логистички да ја отсече последната преостаната голема агломерација Краматорск-Словјанск, што всушност е огромна украинска воена тврдина зад која се отвора оперативен простор длабоко во Украина во кој нема значајни воени упоришта или природни пречки. Краматорск е клучниот логистички и команден центар на украинската армија за целиот Донбас. Неговата стратешка околина (која ги вклучуваше и сега изгубените градови Бахмут, Авдиевка, Торецк и Часив Јар) сега е сведена на гореспоменатиот Покровск, кој е во опасна полуопкруженост со драматично намалени можности за ротација на силите и логистичко снабдување, што сега го признаваат украинските медиуми, повикувајќи се на воени извори во таа земја, а исто така и важниот град Константиновка („портата“ на агломерацијата Краматорск-Словјанск), кој се најде во многу сложена ситуација по неодамнешниот пад на Часив Јар.


Иако непоканети во Алјаска, европските сојузници се координираат за Украина

Според американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, реалноста за Европа изгледа малку поинаку и не е онаква каква што ја замислуваат или онаква каква што ја дискутираат на своите координации. Преговорите на оперативно ниво меѓу САД и Русија веќе се во тек и ќе има опипливи резултати пред средбата меѓу Трамп и Путин, и тоа токму по прашањето за тоа кои територии во Украина би можеле да се разменат

Европските сојузници (за поддршка на Украина) во пресрет на средбата во Енкориџ, во американската сојузна држава Алјаска, се собраа на координативна средба за да се усогласат за понатамошните чекори во врска со развојот на настаните поврзани со Украина.
– Дипломатското решение мора да ги заштити виталните безбедносни интереси на Украина и Европа – изјавија лидерите на Обединетото Кралство, Франција, Италија, Германија, Полска, Финска и на Европската комисија во заедничка изјава.
– Патот кон мирот во Украина не може да се одлучи без Украина – истакнаа тие во заедничкото коминике. При што додадоа дека тие остануваат „посветени на принципот дека меѓународните граници не треба да се менуваат со сила“, како што беше напишано во заедничкото соопштение на гореспоменатите европски земји.

Едно се желбите, а друго е реалноста за амбициите на Европејците

Според американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, реалноста за Европа изгледа малку поинаку. Имено, тој открива дека без оглед на Европејците, преговорите меѓу претставници од САД и Русија веќе во тек, пред средбата меѓу Трамп и Путин, при што се разговара за тоа кои територии во Украина би можеле да се разменат, изјави за јавноста Витакер.
– Техничките тимови преговараат, тоа е добра вест. Тие ќе можат да кажат кои земјишта можат да се разменат и дали тоа може да се случи. Сега техничките експерти треба да го стават договорот на хартија – рече американскиот дипломат.
Според тоа, јавноста заклучува дека на денешниот состанок обете страни веќе ќе имаат заеднички нацрт-договор што ќе треба да го дискутираат и да се согласат по него. Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, додаде и дека слушнал изјави од украинскиот претседател Володимир Зеленски дека е против таква размена, но САД веруваат дека руско-украинскиот конфликт мора да заврши.
– Очигледно, ги разбирам коментарите на Зеленски точно како што рече, дека ниедна земја или територија за која се бореле на бојното поле не може да се предаде, но ќе се вратам на она што го кажав претходно: Мора да ја завршиме оваа војна. И мислам дека фактот дека Трамп ќе се сретне со едната или со двете страни од овој конфликт е охрабрувачки – рече американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер. Тој, исто така, се осврна на ставот на Европа во врска со преговорите, но истакна дека мора да се добие и согласност од Русија за договорот.
– Европејците имаат многу сериозна инвестиција и интерес за (прифатлив) крај на војната и сакаат да се осигурат дека мировниот договор е фер за Украина, која беше нападната. Но тоа мора да биде договор со кој двете страни можат да се согласат – нагласи американскиот функционер. Р.С.


Што ќе направат Брисел, Лондон и Киев доколку Трамп и Путин постигнат согласност?

Според повеќе медиумски анализи, како и според низа наши соговорници, доколку Трамп и Путин постигнат заемна согласност за решавање на ребусот „Украина“, европските лидери и Зеленски ќе имаат само две опции:
1. Да ја прифатат постигнатата согласност меѓу Путин и Трамп; или
2. Европа (Брисел плус Коалицијата на подготвените) заедно со Киев самостојно да ја продолжи војната со Русија, без САД.
Според досегашните анализи и процени, очигледно е дека САД не сакаат војна со Русија, ниту, пак, обратно. Но да не заборавиме дека беа очигледни намерите и потезите на доскорешниот демократски (либерален) Вашингтон (Бајден) за „напредокот на Западот кон исток, а особено во Украина“, при што „ја притисна Москва до ѕид“, велат нашите соговорници. Имено, додаваат тие, „прекршувањето на договорите Минск 1 и Минск 2 од страна на западните либерали значеше токму тоа, провокации и притискање на Москва до ѕид“. Така, „уживајќи поддршка од западните либерални и воени елити, Киев и Зеленски заради свои амбиции направија низа потези спротивни на споменатите меѓународни договори, кои Москва ги третираше како отворена закана за својот суверенитет“, велат тие. И Москва реагираше како што реагираше. Затоа, аналитичарите тврдат дека преголемиот притисок може да биде ризичен и да произведе опасни последици, па тоа се случи. Не само Украина и Русија туку последици трпат и ЕУ и остатокот од Европа, а се чувствуваат и на сите континенти.

Што ако либерален Брисел, Лондон и Киев сакаат да ја продолжат војната?

Од друга страна, аналитичарите издвојуваат дека ако Брисел и Коалицијата на подготвените сакаат да ја продолжат својата војна со Русија за Украина, неолиберална Европа ќе има слободна политичка волја да го стори тоа и Американците сигурно нема да ги спречат во тоа. Сепак, се потенцира дека тоа би бил самоубиствен потег и сигурно европските елити нема да го преземат тој чекор. Со други зборови, на крајот сè ќе се сведе на тоа дали Трамп и Путин ќе успеат да се договорат за клучните елементи на идниот договор, иако дури и тогаш сигурно ќе биде потребно долго време пред конечниот мир и потпишувањето на договорот меѓу Москва и Киев. Но мирот дефинитивно ќе се гради врз темелите на денешниот самит.
На крајот, и верзијата во случај самитот во Алјаска да пропадне. Тогаш војната во Украина дефинитивно ќе влезе во уште посериозна фаза. Ова е сценарио што никој не би го посакал: ниту воинствените европски либерални елити, а најмалку украинскиот народ. Р.С.

Фото: „Нова Македонија“