Македонски историски презент – убавина што боли
И веднаш да се знае: во сѐ, идеја водилка ни е Македонија. Нашата најголема убавина – убавина што боли. Така учевме од Симон Дракул, ама еве така и чувствуваме. Море и должни сме ѝ на таа македонска убавина. И сега кога крволочни балкански хиени нѐ напаѓаат од сите страни, се прашувам дали и кога ние ќе ѝ се оддолжиме на нашата Македонија. Таа го заслужува тоа: мораме душата да ѝ ја проникнеме до бесконечноста. Имаме ние темел за тоа. Можеби и побогат од сите други, а сигурно од тие околу нас.. Знаат, многу добро тие знаат дека ние Македонците имаме жестока историја. Многу поучна историја. Историја страдалничка, ама праведничка. И токму таа историја и ние во неа имаме право да побараме од добар дел од современата цивилизација да клекне пред неа, пред македонската историја, и на колена да помоли прошка за сите неправди и гревови. Ете, толку е моќна таа наша Македонија со нејзината историја. Нашата убавина што рапаво и трпко боли. Ама и опоменува – на паметење, колективно и поединечно, на секој од нас.
И уште нешто да се знае: Македонија и ние Македонците не сме против никого. Ние само бараме да се почитува вистината. Вистината за Македонија и вистината за нас Македонците. А таа е во историјата, во минатото, во „Македонската крвава свадба“, во многуте македонски крвави ноктурна. Без признавањето на таа вистина, човештвото и светов никогаш нема да стасаат до своето конечно досозревање. Овој копнеж за вистината и правдината сме го плаќале повеќепати, и тоа многу скапо. Еве, и денес сите гледаат и зачудувачки молчат, како и понатаму плаќаме. Ама сите да знаат, особено тие што посегнуваат по нашата историја, по нашиот јазик, по нашиот идентитет, по нашата култура и традиција, ние и понатаму ќе инсистираме на вистина и правда. Ние се идентификуваме со нив. А така ќе остане и засекогаш. Вреди. Бесконечно вреди таа болка. Затоа што ни дава сила, нѐ осмислува и нѐ облагородува – да истраеме, да опстоиме.
И сите нека знаат тоа е нашето СЕГАШНО МИНАТО ВРЕМЕ или, како што би рекол Петре М. Андреевски, македонскиот ИСТОРИСКИ ПРЕЗЕНТ. Ние така ја раскажуваме нашата историја, во сегашно време, за нешто што се случило во минатото. А минатото не е толку минато за да го заборавиме или, пак, да дозволиме некој да го менува според туѓи желби и, не дај боже, за туѓи интереси. Па, тоа минато е наше и нѐ допира нас и сегашноста. Да се потсетиме, еден наш Македонец нѐ учеше дека само времето нема алтернативна историска вистина. Тоа е отпорно на секаква корекција. Никој досега не успеал да го отповика, да го забрза или да го запре – да го задржи само за себе. Па, не можат ни сите странски недобронамерници, без разлика дали се Бугари, Грци или европски бирократи. Нашата македонска приказна е во времето и отаде времето. И затоа е најубава и најдолга приказната за Македонија и македонскиот народ. Од искон, и никогаш не завршува. Таа е вечност.
Ние знаеме дека историјата е отворен процес, кој постојано се допишува. Ама сакаме вие да знаете, дека таа историја – нашата историја, македонската историја, сакаме да ја пишуваме првенствено ние, со своето писмо и со вистината што ја создавале и живееле нашите предци, со вистината чии современици сме ние, со вистината што треба да им ја предадеме на нашите идни поколенија и потомци. А таа вистина е во огромното народно творештво што македонскиот народ го создал низ вековите. Тоа е нашата духовна храна, која има не само уметничка убавина и историска вредност туку и документирани достоинства („Народот е секогаш и велик певец“, Константин Миладинов), создадени од народот. И затоа, никој не е творец и поет како народот. Вреди сите да кренеме глас и прашаме: Кој тоа се обидува да го замагли нашето паметење? Кој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината? Колку и да ни продавате ветар и магла и да ни фрлате прашина во очи, морате да знаете дека ние никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Се сеќавате, ние сме деца на сонцето. Тоа е нашето знаме (П.М. Андреевски). И како што рече македонскиот учен, тоа е и најстариот оган на кој се грееме. Не пикајте валкани прсти, ќе ги изгорите.
Јазикот македонски е душа на секој Македонец
Меѓутоа, овде се присеќавам на предупредувањата на почитуваниот Гане Тодоровски. Според него, зачестените напади и оспорувања на македонската нација, во најново време, всушност се негации на македонскиот јазик, на неговата литературна норма, на неговата дејствена улога, на неговата животворност и жилавост. Тој факт нѐ враќа кон потребата да ги расветлиме низ неизбежната аргументираност поимите нација и јазик, зашто душогрижниците од југ, исток, запад и север притискаат, а ловците на матно неуморно и пакосно дејствуваат. На сите ним им се спротивставуваме со мислата „Верата и јазикот се душата на народот“. Оваа мисла ја соопшти Мисирков во годината на Илинден. И рече уште: „Љубовта кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е и нашата татковина“.
Тоа е и нормално, а и многу природно. Првите гласови што ги имаме чуено се гласовите на нашите татковци и мајки, гласовите и зборовите на нашиот народен јазик. Преку тие зборови и гласови ние сме ја добиле нашата прва духовна храна. Со нив осмислуваме сѐ што гледаме со нашите очи. Со тој и таков јазик ние ја освојуваме психологијата на нашите татковци и прадедовци и стануваме нивни духовни наследници. Не случајно Мисирков вели дека ние имаме и право, освен долгот, да го браниме нашиот јазик, и тоа право ни е свето. Овде само може да се додаде дека секоја нација се преродува и живее со посредство на својот јазик. Туѓ јазик може само да ја претопи.
Несомнено е дека нашиот македонски јазик е целта и патот што ќе нѐ спаси. Како нација можеме да продолжиме да живееме само ако имаме своја писменост и свој јазик. Во спротивно ќе исчезнеме, ќе згаснеме, ќе изумреме засекогаш. Сите овие пораки и визионерски гледишта Мисирков ги соопштува во годината на Илинден – 1903-та. Но тој и предупредува дека ако некој ни гиба во јазикот, всушност ни пика прст и во нашата душа. На тоа подоцна Вапцаров ќе додаде дека тоа се гнасни прсти. Еден македонски учен ќе запише: „Ете зошто Мисирков е историското око на Македонија, во кое солзата на романтизмот не е подзасушена и во кое рационалната бистрина на погледот е изострена по пат на една висока до највисока европска наобразба. Нашиот завет кон Мисирков е да се дише на македонски“.
Тука можеме, но и мораме да се присетиме на најважниот собирач на народни умотворби Марко Цепенков. Можеби највпечатлива од сите нив е приказната за Силјан Штркот. Дефинитивно оваа приказна во уметничка форма е филозофски трактат, каде што наоѓаме тврдења дека човекот може да се потпре само врз себе. Нема чуда, нема волшебни и пократки патеки до човечката супстанција. Треба макотрпно да се работи врз себе и врз сопствената личност. Само така се станува личност во вистинска смисла на зборот. Само такви личности можат скепсата да ја претворат во верба и само такви личности имаат желба рационалното да го издигнат над ирационалното и имаат копнеж да надвладее доброто над злото.
И сега, уште еднаш, што е македонизмот? Храброст и посветеност за Македонија. Смелост, беспоштедна борба и саможртва за македонската кауза. Колективно паметење, стари ракописи, симболи, преданија и митови за Македонците и Македонија. Преродбенички напори за просветлување на Македонците и револуционерни борби за слободна и независна Македонија. Сите културни вредности и целото духовно благо на Македонија од дамнина до денес.
Сотир Костов