Фото: Илустрација/Пиксабеј

Автор: Д-р Елена Брезовска

Цервикалниот синдром се однесува на збир на симптоми кои се манифестираат со болка во вратот и болка што зрачи кон рамото и раката, преден дел на граден кош, тилот, лопатките и грбот, а може да биде пропратено и со зуење во ушите, заматен вид, главоболка, вртоглавица, замор. Овие нарушувањата влијаат и на физичката и на психолошката функција и можат да имаат негативно влијание врз секојдневните животни активности во однос на ограничување на функционалната подвижност, со што се намалува квалитетот на животот.

Оваа состојба претставува чест проблем денес и е во голема мера поврзан со современиот начин на живот, поради долгото седење, неправилното држење на телото и зголемената употреба на мобилни телефони и компјутери.

Причини

Најчести причини за појава на цервикален болен синдром се:

  • Дегенеративни промени на ‘рбетот (цервикална спондилоза)
  • Хернија или оштетување на интервертебралните дискови во вратот
  • Спазам на вратната и рамената мускулатура
  • Повреди (трауми, сообраќајни несреќи)
  • Долготрајно седење, неправилно држење на телото
  • Остеопороза, воспалителни процеси и ретко – тумори

Симптоми

Најчестите симптоми се:

  • Болка и вкочанетост во вратот, со ширење кон рамениот појас и рацете
  • Трнење, слабост или отежната подвижност на вратот и рацете
  • Главоболки, вртоглавица, напнатост во вратната регија
  • Засилување на болката при одредени движења или по подолго седење

Дијагноза

Дијагнозата се поставува преку детална медицинска историја и физикален преглед. По потреба, се користат и дополнителни испитувања како рентген, магнетна резонанца (МР), компјутерска томографија (КТ) и електромиографија (ЕМГ).

Третман

  • Медикаментозна терапија, Невропротективна терапија, суплементи кои помагаат во заштита на нервите, го забрзуваат процесот на регенерација на нервните патишта, ги ублажуваат симптомите на нервна болка– витамини Б1, Б6 и Б12 во комбинација со НСАИЛ (нестероидни антиинфламаторни лекови), кортикостероиди, седативи, миорелаксанти.
  • Физикална терапија и вежби: Од физикалните процедури се користи електротерапија, сонотерапија, ласер терапија, магнетотерапија,

Вежби за истегнување и јакнење на вратната и рамената мускулатура.

  • Хируршки третман: Се разгледува само доколку конзервативната терапија не дава резултат или постојат сериозни невролошки симптоми.

Домашни совети

  • Избегнување на продолжено седење и статични позиции
  • Чести паузи и промена на положбата
  • Примена на топли или ладни облоги за намалување на болката и воспалението
  • Вежби за истегнување и правилно држење на телото.