Фото: Пиксабеј

Полициски службеници вчера околу 22:30 часот ги лишиле од слобода Г.Л.(24) и Б.Л.(18), двајцата од Косово, затоа што во возилото „фолксваген кеди“ со косовски национални ознаки, кое го управувал Г.Л., а совозач бил Б.Л., биле пронајдени осум лица мигранти од Народна Република Кина. Како што информира МВР, околу 21:40 часот возилото било забележано како се движи на автопатот од Градско кон Скопје, не застанало на даден знак за запирање и продолжило со движење.

– Додека бегал од полициските патроли, возачот со возилото ја оштетил  наплатната станица Градско, во Катланово, во движење удрил во возило „опел инсигниа“ со странски регистарски ознаки, како и направил штета и над мотоцикл со македонски регистарски ознаки. Потоа ја оштетил и рампата на наплатната станица Петровец. Откако продолжил со движење, кај клучка Приштина на обиколница Скопје возачот изгубил контрола и со возилото излетал од патот, по што и физички нападнал полициски службеник во обид да избега, но бил совладан и лишен од слобода – соопшти МВР.

При преземање мерки за запирање на возилото, се додава во соопштението, полициски службеници испукале предупредувачки куршуми, при што никој не бил повреден. Лицата биле задржани во полициска станица, а мигрантите биле сместени во транзитен центар.

По целосно документирање на случајот, Одделението за прекуграничен криминал странци и реадмисија при Регионалниот центар за гранични работи Север ќе поднесе соодветна пријава.