Латентната еквилибрација на вистината

Рецензија

Од белгиската продукција, секако едни од најзвучните имиња се браќата Дарден, кои нѐ почестија со неколку филмски бисери: „Ветување“ (1996), „Розета“ (1999) и „Дете“(2005). Храбро и џентлменски по стапките оди и нивниот земјак Жоаким Лафосе со филмот „Немирни“ (2021), кој заслужено се најде во официјалната селекција на Кан, а јас ќе се обидам на направам филмска вивисекција.
Почетните кадри од филмот ни доловуваат (навидум) едно хармонично семејство; мајката се одмора на плажа во ритам како на Ботичелиевите грации, а таткото со синот ужива во морските широчини. Но веќе во следната сцена таткото (Дамиен Бонар) прави нешто сосема неприфатливо, оставајќи го синот да се врати сам кај мајката (Лејла Бекти). Следните симптоми што ги манифестира како доцнежно станување во ноќта, безмалку во месечарска улога кога поправа велосипед, или капење во вода облечен, потенцираат сериозен дијагностички параф на здравствено нарушување, а тоа е биполарност; чумата на дваесет и првиот век со галопирачката депресија. Дали е ова игра на случајот или режисерска досетка со презимето на актерот, кое асоцира на галскиот сликарски маг Пјер Бонар, е прашање на кое одговор може да добиеме само од Лафосе. И, да, тука Дамиен е во улога на сликар што подготвува изложба асистирана од неговиот галериски менаџер Серж.

Секој праг на толеранциско танго има свој лимит, но очигледно неговите кредити одамна се потрошија кај стоичната сопруга Лејла, на која, покрај прометејските борби со него, се чини сѐ друго ѝ е Пирова победа. Една од најмоќните сцени, каде што доминира заемната актерска умешност како автентични сопружници, е кога Дамиен одбива да ја земе потребната медикаментоза (валиум) во стил на инфантилен ученик.
Аман е нема жртва на секојдневната тортура од родителите, која се одвива пред неговите очи, и едвај се воздржува да не потоне во галонски плач. Во борбата да се прекине оваа агонија учествува и таткото на Дамиен, кој во сојуз со Лејла се обидува да го врати повторно на лекување. Од друга страна, пак, Дамиен има заедничко со профилниот хабитус на Рјепин, кој „гладно“ граби едноподруго платно, за што поскоро да наслика сакајќи да ја постигне магичната цифра од четириесет слики. На ист начин како Вермер, кој не само што насликал околу четириесет слики туку и димензиите биле со идентични размери. Дали рамнотежната оска започнува да се уточнува или е привидна хипноза? И покрај склучениот договор со Лејла, според кој треба да го однесе Аман на училиште, Дамиен изгледа подмолно е буцнат од Врубеловиот демон и повторно запаѓа во дијаболична криза. Во локалната продавница успева да се подбутне прекуред и купува цела кошница слатки, сакајќи да го израдува синот на училиште, но постигнува обратен ефект, бламажа. Со последните атоми на енергија, Лејла успева да го смири да се вратат. На пат кон дома од радиото „одѕвонува“ рапавото грло на Бернард Лавилје, проследен од сатенскиот вокал на Николета, со профетската елегија „Темни мисли“. Дома ги пречекува загрижениот татко, а Дамиен во позитивна амплитуда прави кроки за татко си и сопругата. Остроумниот сенс на Лејла проработува како швајцарски часовник и, во сојуз со свекорот, моментите на пауза ги користи да повика брза помош, но, за жал, нивниот обид не дава плод. Дамиен се губи во шумата и дури вечерта се враќа дома изморен и заспива покрај синот. Повторно стапува законот на жената, но овој пат успешно додека спие го префрлаат во болница, од каде што по неколку дена е отпуштен.

Лејла е препуштена на правилата на судбината, таа му дава целосна слобода на движење на Дамиен и тој заминува, но се прашуваме во кој правец. Лејла ги знае сите мистични страни на сопругот, па одлучува да го пресретне, при што успева наоѓајќи го пред повторна пловна авантура. Крупниот план се фиксира на истоштеното лице на Лејла, „безедовите“ очи, а потоа одзумува во ритамот со дистанцирањето на колата. Дамиен зачудено го набљудува заминувањето на Лејла, поведен со мислата каде згреши.
Лејла Бекти е едно од најталентираните арапски имиња во филмот, која повеќе од две и пол децении успешно ја гради својата кариера Таа од средношколските денови пројавува интерес за драмската секција во Париз, а подоцна ја добива титулата за најдобар студент на Факултетот за драма и уметност. Славата кон успехот ја навестува со улогата во омнибусот „Париз, те сакам“ (2006) а со филмот „Сѐ што сјае“ (2010) ја добива најзначајната француска награда „Цезар“, за која е номинирана уште девет пати. Широк е распространетиот спектар на Бакти, но во оваа пригода може да споменеме дека доказ за нејзината сензуална убавина е тоа што во 2010 година беше и официјално лице за рекламата на „Лореал“. Нејзе не ѝ непознат и борбениот дух на политичкото поле со нејзиниот сопруг Тахир Раим, каде што транспарентно нуди петиција за потпис од францускиот претседател Макрон за службено признавање на Палестина.
„Немирни“ (2021) е филмска препорака да се гледа, затоа што никогаш не се знае од каде демне оваа подмолна болест, на која секој од нас може да е потенцијална жртва или херој.