Фото: Тимчо Муцунски/Фејсбук

„Грижата за Македонците во Албанија се мери со дела. Македонците од Мала Преспа, Поградец, Голо Брдо и Гора се предалеку од Тирана. Време е да им се доближиме“, порачува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во видео порака на фејсбук по денешната одлука на Владата за отворање на генерален конзулат во Корча.

– Конзулат во Корча со јурисдикција во целиот регион. Побрз и полесен пистап до конзуларни услуги. Поддршка за културни, образовни и економски врски. Посилна грижа за интересите на нашите граѓани. Брз, достапен и квалитетен сервис. Ова се конкретни чекори, а не празни зборови – наведува Муцунски

Владата денеска на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија донесе одлука за отворање на генерален конзулат во Корча со јурисдикција во целиот регион.

– Граѓаните мора да имаат брз и ефикасен сервис и услуги, поддршка за културни, образовни и економски врски. Владата продолжува со конкретни мерки и политики кои имаат за цел да ја потврдат вистинската грижа за подобрување на стандардот и враќање на довербата на граѓаните во институциите – соопштија од Владата.

Генералниот конзулат ќе има јурисдикција врз подрачјата Корча, Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора, и ќе работи во целосна координација со Амбасадата во Тирана. Неговите клучни надлежности ќе опфаќаат обезбедување конзуларни услуги, економска и културна промоција, како и унапредување на билатералната соработка во поширокиот регион.