Фото: Ка.М.

„Порти кон бескрајот” е изложбата од прилепскиот автор Илија Кочоски, отворена синоќа во фоајето од ЦК „Марко Цепенков”-Прилеп.
Уметникот Кочоски на изложбата се претставува со дела поделени во два циклуси – првиот со 13 композиции кои претставуваат автентичен и единствен приказ на Тајната вечера и вториот од 8 дела кои се раскошни и колоритни композиции.
Изложбата ја отвори м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека Кочоски внимателно ги негува формите, облиците и структурите, применувајќи колажен пристап во создавањето на делата.
-Авторот Илија Кочоски создал непроценлива ризница од композиции работени во комбинирана техника-масло на платно, бакарна фолија, сребрена боја, дрвени резби и позлатени клинци. Тој развил разновиден семиотички систем и изградил сопствен уметнички идентитет, изразувајќи го бескрајот на човечкиот дух со виртуозна употреба на бојата. Тој вдлаби траг и создаде апотеоза на вечната дилема и борбата за вистината меѓу науката, уметноста и религијата – рече Димеска.
Ова е трета самостојна изложба од Илија Кочоски. Ка.М

Фото: Ка.М.