Фото: Град Скопје

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денес при увид и инспекциска контрола на дивоградба во Општината Чаир, тврди дека таа и екипата која била со неа, биле нападнати со клоци и тупаници.

По нападот, таа се обратила во Ургентниот центар „8-ми Септември“, каде и била укажана лекарска помош.

Арсовска во изјава за медиумите рече дека лицето кое најверојатно е сопственик на дивоградбата се заканувало на неа и нејзиното семејство.

– Затекнато е како краде струја, вода, нема платено ниту еден денар, ниту данок, ниту комуналии, ниту на градот ниту на било кое друго место. Нема никакво одобрение и никаква документација за истото – истакна Арсовска.

Дека градоначалничката на Скопје била нападната додека вршела службени дејствија, потврдија и од полицијата.

– На 11.07.2025 во 12:15 часот, во СВР Скопје од страна на А.Ј. е пријавено дека при извршување работни задачи на улицата Кумбара физички била нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и дека повеќе лица ѝ упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот, по што се упатила во ГОБ 8 Септември за укажување лекарска помош – се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.

Општина Чаир денеска преку соопштение го осуди инцидентот што се случил помеѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и неколку лица на територија на општината

-Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество – велат од Општината.

Оттаму нагласуваат дека е важно јавноста да биде точно информирана, односно оти настанот воопшто не е поврзан со нивната институција.

-Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот- нагласуваат од Општината.

Општина Чаир, велат, останува посветена на зачувувањето на јавниот ред, почитувањето на институциите и унапредувањето на соживотот меѓу заедниците.