Силни врнежи ја зафатија централната област на американската сојузна држава Тексас, при што предизвикаа големи поплави во кои животот го загубија најмалку 24 лица, а за исчезнати се водат 20 девојчиња кои биле во летен камп во близина на реката.
Според американските медиуми, најкритично било во округот Кер, каде што за само неколку часа се регистрирани до 25 сантиметри дожд.
Реката Гвадалупе надминала шест метри висина, брзо се излеала од коритото и поплавила големи делови од населбите покрај реката.
Во моментов спасувачи евакуираат отсечени луѓе од поплавите. Властите информираат дека бројот на загинати може да се зголеми, бидејќи идентитетот на дел од жртвите сè уште не е потврден.
Претседателот на САД, Доналд Трамп рече дека е ужасно запрепастен од повредите.
– Ужасно е поради поплавите. Шокантно е – рече Трамп.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, истакна дека државата испраќа дополнителни тимови и средства за помош и спасување и испрати апел до граѓаните да ги почитуваат насоките од институциите и да не минуваат низ поплавени патишта.
Метеоролозите предупредуваат дека се уште постои опасност, бидејќи нивото на реката продолжува да расте.