Штип
Штипското шеталиште наскоро ќе биде збогатено со целосно обновен зоопарк и модерен авантуристички центар за деца. Зоопаркот „Бриони“ и паркот „Кртеќе“ влегуваат во нова фаза на развој – со нови животни, модерни живеалишта, авантуристички реквизити и целосна достапност за лица со попреченост.
Во наредните денови започнуваат градежни активности, кои ќе му дадат сосема нов лик на зоопаркот „Бриони“. Ќе се постават нови содржини, ќе пристигнат нови животни, а истовремено ќе се подобрат условите за живот на постојните.
Целта е едноставна: „Бриони“ да стане омилено место не само за децата од Штип туку и за посетители од целата држава и пошироко.
– Летово ќе биде вистинско изненадување за најмладите штипјани. Работиме на комплетна обнова на зоопаркот „Бриони“, со нови содржини, нови животни и подобрување на условите за сите постојни видови. Истовремено, започнуваме и со изградба на авантуристички парк во паркот „Кртеќе“, со каков што малку градови на Балканот можат да се пофалат дека го имаат. Штип станува центар на забавата и туризмот, не само за локалното население туку и за сите гости што ќе доаѓаат – вели градоначалникот Иван Јорданов.
Според него, проектите не само што ќе донесат нови можности за рекреација и едукација туку ќе ја позиционираат општината како нова атрактивна туристичка дестинација во источниот дел на Македонија. Посебен акцент се става и на пристапноста.
Во рамките на „Бриони“ се поставуваат реквизити за лица со попреченост, меѓу кои и специјализирана лулашка, со што паркот станува место достапно и инклузивно за сите. Со нови животни, современи живеалишта, авантуристички содржини и пристапност за сите – Штип ги поставува стандардите за урбано, зелено и детско пријателско живеење.