Од говорот на Лу Шаје

На прием одржан неделава во македонската амбасада во Пекинг, во присуство на поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, како и на претставници на кинеската бизнис-заедница, дипломати, медиуми и други видни гости, се водеа срдечни и конструктивни разговори за перспективите за соработка меѓу двете држави

Македонско-кинеските односи се зацврстуваат

Древната кинеска изрека „блискиот пријател оддалеку доближува далечни земји“ на поетот Ванг Бо од времето на династијата Танг (618-907 година) може да послужи за да го отслика продлабочувањето на односите меѓу Македонија и Кина, кое се случува деновиве, меѓу другото, и преку искрени пријателства што се создаваат во Пекинг. Тоа е општиот впечаток од приемот одржан неделава во македонската амбасада во Пекинг, во присуство на поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, како и на претставници на кинеската бизнис-заедница, дипломати, медиуми и други видни гости, за време на кој се водеа срдечни и конструктивни разговори за перспективите за соработка меѓу двете држави. И поранешниот претседател Иванов го нагласи меѓусебното пријателство, обраќајќи се на настанот со кој заврши неговата посета на Кина, во рамките на која тој престојуваше во градовите Вухан, Ордос и Џинан.
– Имаме многу пријатели. Посетивме три важни града во Кина, Вухан, Ордос и Џинан. Среќни сме бидејќи ги чувствуваме вистинскиот напредок и просперитет насекаде во Кина. За нас, импресивен е и начинот на размислување на младите луѓе, кои имаат самодоверба, оптимизам и се многу среќни. Кога претходно бев во официјална посета, на вечера со претседателот Си Џинпинг разговаравме за иднината, но сега ја чувствувам оваа иднина. Младата генерација е добро позиционирана, што е резултат на визијата на кинеската влада и наследството на Кина да ја практикува мудроста на Конфуциј, Лао Це, Сун Цу и на други филозофи и мислители. Посетив многу држави, но само во Кина е можно да се почувствува хармонија меѓу минатото, сегашноста и иднината. Хармонијата не е само во Владата, туку и помеѓу луѓето и младите генерации – истакна Иванов.
Важноста од посетата на поранешниот претседател Иванов беше потенцирана и од домаќинот на приемот, македонскиот амбасадор Сашко Насев.
– Денешната посета е многу значајна бидејќи тука е претседателот со најдолго време поминато на функцијата од осамостојувањето на Македонија. Тој имаше два мандата, но всушност првпат е во посета на амбасадата во Пекинг – кажа амбасадорот Насев.
Специјалниот претставник на кинеската влада за европски прашања, Лу Шаје, го посочи меѓусебното трговско партнерство, за кое кажа оти донело придобивки за македонскиот и кинескиот народ. Минатата година вкупната трговска размена помеѓу Кина и Македонија достигна 1,22 милијарда долари. На приемот во македонската амбасада беше дискутирано и за идејата за создавање македонско-кинеска стопанска комора, што се смета дека дополнително би придонело за унапредување на економската соработка.
– Голема чест ми е да бидам дел од овој настан. Кина и С. Македонија се многу добри пријатели и цениме што претседателот Иванов за време на неговиот мандат многу придонесе за развојот на односите. Среќен сум да споделам со вас оти Кина стана најголемиот трговски партнер на Македонија надвор од Европа. И нашата интензивна соработка во трговијата донесе придобивки за народите на двете страни. Се надевам дека знаете оти можам да имам важна улога за стимулација на односите меѓу Кина и ЕУ, како и меѓу Кина и Македонија – порача дипломатот од кариера Лу Шаје.
Извесно е дека ваквиот дијалог во кој се разменуваат конструктивни мислења за продлабочување на соработката и подобрување на разбирањето меѓу двете држави претставува основа за градење поблиски билатерални односи.


Македонските вина поттикнаа особен интерес

Присутните гости на приемот можеа да уживаат во вината на познатата македонска винарница „Стоби“, при што изразија особен интерес за црвеното вино „вранец“, фалејќи ги квалитетот и вкусот. Истовремено тоа претставуваше повод за да се распрашаат за македонските вина, за условите за нивно производство, како и за извозот во Кина. Многумина од присутните од Кина изразија желба да ја посетат Македонија и одблиску да се запознаат со производството на вино. М.Ж.


Македонија како инспирација за иновациите на вештачката интелигенција

Македонија претставува инспирација за кинеската компанија „Чингбо Жиненг“ да создаде две песни на македонски јазик и две видеа во кои е претставена нашата држава со помош на вештачка интелигенција. Во едно од видеата е прикажана визија за тоа како Македонија би можела да изгледа во иднина, а во другото македонските природни убавини се претставени во стилот на традиционалната кинеска уметност. Во стиховите на „Песната за Македонија“ се вели „твојата душа вечна и силна, Македонија моја љубов милна“, како и „од минатото расте, иднина што сјае, Македонија вечно ќе трае!“. М.Ж.

Претставници од компанијата за вештачка интелигенција прикажуваат видео за Македонија